Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара колективна оставка од членовите на Комисијата за заштита од заразни болести. Тој смета дека ако имаат доблест и морал тоа ќе го сторат.
„Не може оваа Комисија за заразни болести да најде решение и тоа е очигледно. Повеќе од седум месеци предвидуваат дека 2 илјади луѓе ќе имаме инфицирани, а ние веќе имаме повеќе од 20 илјади инфицирани. Само во една недела имаме повеќе од 2 илјади инфицирани, секојдневно имаме бројка на луѓе која што го губи својот живот, за жал, поради лошите и погрешни политики и мерки кои ги носи оваа политизирана Комисија за заразни болести и мене ме чуди упорноста што во овие седум месеци ја имаат тие луѓе за беден хонорар“,
рече Мицкоски во видео-обраќање на Фејсбук.
Според него, Комисијата за заштита од заразни болести е неуспешна, носи погрешни одлуки и ги обвини дека му слугуваат на премиерот Зоран Заев.
„Дел од нив ми се и колеги, универзитетски професори и единствено нешто што можам да кажам е дека треба да им е срам за тоа што го прават затоа што се богатат на здравјето на граѓаните. Барем малку треба да имаат доблест, чести и честитост и кога ќе видат дека не се успешни во тоа што го прават, наместо да ги бројат бедните пари кои што ги зимаат од даночните обврзници да си дадат оставка. Малку моралот еднаш да биде пред и над лукративноста“,
рече Мицкоски.