По седум месеци под клуч, во септември градинките повторно ги отворија вратите.
„Не одиме веќе со таа насмевка како што сме оделе порано пред пандемијата“,
вели Билјана Цветковска од Скопје.
„Новина“ е што децата и персоналот мора да следат посебни протоколи за заштита од ковид-19. Но, веднаш се појавија проблеми.
Здравствените власти уверуваат дека состојбата сѐ уште е стабилна.
„Ако беше епидемиолошката слика во државата како што е во градинките, ние ќе бевме среќни“,
вели директорот на Центарот за јавно здравје Александар Стојанов.

Голем дел од родителите се скептици и иако ги запишале во градинка – децата и натаму ги чуваат дома.
„10 000 места не се пополнети, само на хартија се запишани децата“,
вели министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Илјадници други молат и чекаат ред за децата да им тргнат во градинка.
„Во нормална држава треба да има места за сите деца да се запишат во градинка“,
вели Ана Вета Лазарова, мајка на 15-месечно бебе за кое чека место во градинка.
Како ќе се обезбеди место за сите и можно ли е повторно затворање на градинките ако состојбата со епидемијата продолжи се влошува?

Пред да оди на работа Ирена Кузмановска ги остава двете деца во градинка. Помалото оди првпат, што во услови на епидемија е дополнителен стрес.
„Стравот меѓу родителите е нормален, ние се грижиме постојано за сѐ и сешто, а особено сега во вакво време на пандемија. Можноста кај секој е различна, баби, дедовци, кој може кој не може, работните обврски си го прават своето. Родителите мора да се вратат на работното место“,
вели Кузмановска.

Сепак, за неа отворањето на градинките е и олеснување бидејќи морала да се врати на работните задачи. Иако има ризици, смета дека тоа е најдобро и за развојот на нејзините деца, кои ретко се во друштво на врсници.

„Мислам дека се безбедни, се надевам дека и така ќе остане. Ќе видиме и понатаму, бројките растат, малку се загрижувачки, но тоа е што е“,
вели Кумазновска.
Но, сите немаат можност да најдат место за згрижување на своите деца за да продолжат да работат.
Една алтернатива е бабите и дедовците да станат негуватели, а паркот – градинка.

„Цело време се зборува дека место има во градинките, не, нема. И во нормални услови немаше место, не па сега со пандемијата. Добивме инфо од директорката дека има деца што се на листа на чекање од бебиња и тргаат во школо и сѐ уште се нема ослободени места за нив“,
вели Ана Вета-Лазарова од Скопје.
По петнаесет месеци продолжено породилно отсуство, Ана Вета-Лазарова била повикана да се врати на работа бидејќи со отворањето на градинките се укинаа мерките за ослободување на родителите од работните обврски. Но, за нејзиното дете нема место во градинка, а и таа и нејзиниот сопруг се вработени.

„Среќа што имаме баби и дедовци и тие го чуваат. Но, тоа не е решение. Еве, луѓето се стари, не можат и тие да се справат со мало дете коешто е 300 на саат. Еве, баш денеска не беа добри и детето мораше да остане со нас. Да чуваш бебе дома и да работат двајцата родители во истиот дом – практично е невозможно“,
вели таа.
Во Општина Ѓорче Петров, каде што живее Ана, на хартија навистина се зафатени сите места во градинките. Но, на терен, реалноста е поинаква.
Иако се запишани, голем дел од децата не се појавуваат во градинка. Директорката на градинките во оваа општина, Маја Ристовска, вели дека веќе испишале неколку деца од таа причина, но сѐ уште не се сите на број.

„Има околу педесетина дечиња што не се дојдени, со тоа што најавуваат дека би почнале, да не ги испишуваме. Да се надеваме дека ќе дојдат, доколку не дојдат наредната недела, ние повторно ќе ги исконтактираме и доколку не се појават ќе запишеме нови дечиња“,
вели Ристовска.
Прашувајќи во повеќе општини, дојдовме до заклучок дека и во други општини има многу деца кои иако се запишани не одат во градинка, а од друга страна илјадници родители чекаат место за да можат да работат.

Според податоците од Министерството за труд и социјална политика, пред корона-кризата во градинките биле запишани 37 599 деца. Но, поради новите протоколи капацитетот се намали, па во моментов има место за 20 781 дете. По список, сите места се пополнети, но во пракса во градинка одат околу половина од запишаните, односно 11 726 деца. Додека едни држат место, на листите на чекање се неколку илјади деца, меѓу кои и 1 585 од т.н. приоритетни групи – чии двајца родители работат или, пак, живеат со самохрана мајка или татко.
Министерката Јагода Шахпаска вели дека органот со кој раководи нема ингеренции да контролира дали сите градинки ги испишуваат децата што држат место, а не одат. Тоа, вели, се решава локално.

„Менаџирањето околу уписот на децата, нивното посетување или неодење во градинка треба да се менаџира на локално ниво, како од страна на директорите на градинките така и од страна на општините, односно од локалната самоуправа. Ние испративме допис, побаравме и апелираме до родителите да им излезат на пресрет на овие коишто навистина им е неопходно. Дополнително продолжуваме со изградба на градинки и создавање нови места за дечиња во градинките“,
вели Шахпаска.
Додека не се изградат градинките со кои се ветува дека ќе се преполови бројот на оние што се на листа на чекање, Министерството препорача општините да си најдат простор и да го адаптираат за згрижување деца. Но, и тоа не е лесно.

„Ние не располагаме со објекти во сопственост на Општината кои би можеле да се преадаптираат. Имајќи ја предвид ситуацијата во која се најдоа Владата и Министерството, имаше парламентарни избори, вакуум во делот на одлучување, заменски министри итн., не можеше храбро да се влезе во документациска поткрепа на сето тоа. Во понатамошниот период ќе видиме каква ќе биде потребата, ако не да земеме и некој простор под кирија, но сѐ треба да биде во согласност со одредени стандарди коишто би требало да се исполнуваат и насоки што ќе ги даде Министерството“,
вели градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски.
Главната причина зошто родители плаќаат градинка, а не ги носат децата, е стравот од ковид-19.
Само во Општина Ѓорче Петров минатата недела од ковид-19 се разболеа пет вработени во градинките. На ниво на државата, пак, бројот на позитивни случаи достигна до 18 деца и 55 вработени, а повеќе од 300 деца се во изолација.

„Сите неопходни мерки од наша страна се преземени, се постапува по протоколи и алгоритми, но како и секаде, се случува… Да се надеваме дека нема да се рашири многу, ако дојде до такво нешто, тогаш ќе треба да се изолираат сите групи на дечиња, а можеби и да дојде до затворање на објекти“,
вели директорката на градинката „Росица“ во Ѓорче Петров.
Дали ќе дојде до нови рестрикции, пресудни ќе бидат есенско-зимските месеци, кога тешко ќе се разликува што е ковид, а што е грип.
Според директорот на Центарот за јавно здравје во Скопје, едно е да се следат 50-ина нови заразени во еден град, но друго е кога бројките растат.

„Апсолутната бројка на новозаболени, ако се движи околу 200, тогаш е многу тешко да ги завршите како што треба во еден ден, некој ќе мора да чека да се истестира, да се анкетира итн. Тоа е големо оптоварување за здравствениот систем, не само овде туку во цел свет“,
вели директорот на Центарот за јавно здравје во Скопје, Александар Стојанов.
Стојанов смета дека градинките во моментов се безбедни бидејќи – вели – нема трансмисија на вирусот меѓу вработени и деца, туку има поединечни случаи донесени од надвор.
„Имавме еден случај братче и сестриче во различни групи, двете позитивни во различни групи – ниту во едната ниту во другата немаше пренос“,
вели Стојанов.
Но, некои родители имаат поинаков став за состојбата во градинките.

Повикувајќи се на претходните препораки на Комисијата за заразни болести за продолжување на породилното отсуство, минатиот месец родители излегоа на протест на кој побараа да продолжат мерките за ослободување од работа. Сметаат дека градинките освен што не можат да ги примат сите деца, не можат ниту да гарантираат за нивната безбедност.
На ист став е и мајката на Ива Цветковска.

„Секој ден сме во неизвесност, дали ќе ни се јават од градинка, дали наутро ќе измерат температура, но eте повикани сме на работа, мораме да одиме и тоа е тоа“,
вели Билјана Цветковска.
Според неа, во моментов најдобро решение е еден од родителите да остане дома, барем додека не стивне новиот бран на ковид-19.

„Стравот во секој од нас е голем, немаме само едно дете, имаме и други деца, во случајот јас имам уште две деца, кои ги запишав да учат онлајн, а се релативно мали, едното е прво, а другото е трето одделение, како родител сум им потребна и нив. Сепак, бројките се страшни, седевме во едно време кога беа каде-каде пониски од ова сега…“,
вели таа.
Доколку состојбата се влоши, здравствените власти најавуваат дека ќе предложат нови рестрикции, меѓу кои и затворање на градинките. А, дали државата може да си го дозволи тоа, ќе оцени Главниот кризен штаб.
„Децата, ако не се во градинка, не седат цело време дома изолирани, тие пак се дружеа. Учениците исто, младите исто… Од здравствена гледна точка, да, но ако не одат децата во градинка, родителите треба да ги чуваат децата, тогаш кој ќе работи? Како економски ќе се издржи ова? Така што едно решение повлекува друго, едно прашање отвора други две. Треба да се најде балансот“,
вели Стојанов.
Министерката Шахпаска вели дека при одлучувањето приоритет ќе биде јавното здравје и ако има потреба од нови рестрикции Владата нема да се двоуми да ги донесе.
„Ја следиме будно состојбата, како ќе се движи епидемиолошката состојба, ако се влошува, ние во ниту еден момент и по секоја цена нема да ги држиме отворени градинките и дневните центри“,
вели министерката Шахпаска.
Дали градинките ќе го преживеат новиот корона-бран, не им значи многу на оние што ниту досега не успеаja да стигнат до упис. Тие ќе се снаоѓаат како и досега, со надеж дека некоја градинка ќе најде место за нивните деца пред да тргнат на училиште.