Комисијата за заразни болести утре ќе ѝ предложи на Владата економските оператори да работат до 23 часот, јавниот превоз да работи со половина од капацитетот, а државната и јавната администрација да работат во смени, со ротација или онлајн
Новите мерки за заштита од ковид-19 се последен чекор пред воведување на полициски час, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција пред Владата.
Тој рече дека новите предлог-мерки на Комисијата за заразни болести утре ќе се најдат на владина седница, а неделава очекува да поминат и законските измени во Собранието.
Новите предлози се економските оператори да работат до 23 часот, јавниот превоз да работи со половина од капацитетот, а државната и јавната администрација да работат во смени, со ротација или онлајн. Дополнително, треба да поминат и измените на Закон за заштита на населението од заразни болести, а во кои се вметнати препораките за носење маски на отворено, ограничување на групирање по 22 часот и ограничување на семејните собири.
„Ситуацијата е навистина сериозна, следен чекор би било целосно ограничување на движењето, односно полициски час. Да смогнеме сили и да ги почитуваме мерките за да го избегнеме сето тоа. Со овие мерки, заедно со мерките за задолжително носење на маски на отворено, забрана за гурпирање после 23 часот, забрана за семејни прослави, може да се намали бројот на заразени ако се почитуваат мерките и препораките“,
рече Филипче.
Тој посочи дека бројот на заболени расте, а болничките капацитети забрзано се полнат. Рече дека нема место на инфективните одделенија во Струмица, Куманово, Штип, Прилеп, а забрзано се полни и болницата во Гостивар.
Филипче потенцираше дека најризични жаришта во моментов се Скопје, Штип и Струмица.