Според премиерот, ВМРО-ДПМНЕ нема коалициски потенцијал за да може да формира ново мнозинство. Наспроти тоа, најавува дека мнозинството што ја поддржува неговата влада наскоро ќе стигне барем до 65, а можеби и до 68 пратеници
ВМРО-ДПМНЕ не е во можност да формира ново парламентарно мнозинство, туку мнозинството на СДСМ и ДУИ наскоро ќе се прошири за од три до шест пратеници, најави денеска премиерот Зоран Заев коментирајќи информации што излегувале од опозицискиот табор за наводни обиди за рушење на Владата во законодавниот дом.
„Со која партија на Албанците и врз која основа ВМРО-ДПМНЕ би коалицирала за формирање ново мнозинство? Дали тоа би било врз основа на уривање на договорите со Грција и со Бугарија. Која друга партија би го прифатила тоа? Тоа се информации што се пуштаат наменски да се оттргне вниманието од дебатата дали треба да се смени раководството на ВМРО-ДПМНЕ по изборниот пораз. Но, ВМРО-ДПМНЕ нема да прави ново мнозинство, туку нашето мнозинство наскоро ќе се прошири за три до шест пратеници“,
изјави Заев.
Тој одби да посочи конкретни имиња на пратеници кои би заминале од опозицискиот табор, нагласувајќи дека не сака да му ги расипат разговорите со нив. Сепак, рече дека разговорите се водат врз основа на принципи.
Од Беса вчера најавија можно приклучување на опозициската Алтернатива кон владејачката коалиција. Партијата на Африм Гаши моментно брои четворица пратеници, со што мнозинството би стигнало до 66.
Деновиве парламентарното мнозинство во кое учествуваат коалицијата на СДСМ, ДУИ и Беса повторно е соочено со предизвик како да се обезбеди кворум за работа и за одлучување, во ситуација кога двајца пратеници се заразени со ковид-19.
Заев денеска изјави дека, сепак, очекува ребалансот на буџетот да биде донесен до крајот на месецот, затоа што во ноември и во декември треба да се исплаќаат алоцираните средства, со цел надминување на последиците од ковид-кризата.
Тој нагласи дека треба да се обезбедат услови за онлајн-работа на парламентот, затоа што сите се потенцијално инфицирани со новиот вирус, така што во битката за справување со епидемијата не смее да се дозволи нефункционалност на институциите.
Заев рече дека не е поборник на воведување вонредна состојба, иако така би се создале услови да се заобиколи Собранието при носењето на одлуките, затоа што Владата би можела да донесува уредби со законска сила.
„Не сум поборник за повторно прогласување вонредна состојба, иако тоа нуди поелегантни и поедноставни начини за носење одлуки. Парламентот, сепак, е носител на суверенитетот на граѓаните и носител на законодавната власт и се надевам дека ќе се најде начин за пратениците да може да работат и онлајн во услови на епидемија. Имаме седумдесетина дена до крајот на годината, а треба да се донесат значајни одлуки, сега ребалансот на буџетот за 2020 година, а потоа и буџетот за следната година. Треба да се обединиме околу големите прашања, а тука сега спаѓа и справувањето со ковид-кризата“,
изјави Заев.