Поради отсуството на ексградоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, денешното судско рочиште за предметот ТНТ се одложи. Судот нареди тој утре да биде стражарно приведен.
Пред судот да донесе ваква одлука, неговиот адвокат рече дека утрово бил известен од лекарот дека Трајковски не е во добра состојба и дека најверојатно ќе биде задржан на неврохирургија. Исто така, рече требало да прави дополнителни испитувања и да прими тетанус бидејќи бил удрен со метален предмет.
„Судот констатира дека обвинетиот Тони Трајковски не е присутен во судница и не може да даде своја одбрана. За неговите повреди, за што беше известен од бранителот, Судот нема добиено лекарски извештај, односно медицинска документација, а во разговор со лекарот Судот е известен дека обвинетиот Трајковски од медицинската установа е отпуштен утрото во добра здравствена состојба“, рече Ставрев закажувајќи рочиште за утре во 9 часот.
„360 степени“ стапи во контакт со сопругата на ексградоначалникот на Гази Баба, која ни рече дека Трајковски има повреди на лицето, главата и грбот и дека во тој момент (околу 11 часот денеска) се наоѓа на Клиниката за инфективни болести за да прими инјекција против тетанус.
Судењето за предметот ТНТ е во трка со времето бидејќи на една од поротничките во овој случај утре ѝ истекува мандатот. Според официјалните информации објавени во „Службен весник“, судијата поротничка Лилјана Ивановска-Кочковска е избрана на седница на Судскиот совет одржана на 24.12.2015 г., а нејзиниот мандат е во траење од четири години. Од утре Ивановска-Кочковска повеќе нема да има мандат како судија поротник во овој предмет, а поради навршување 60 години, нема да може да биде избрана повторно за судија-поротник.

Освен Трајковски, обвинети во ТНТ се експремиерот Никола Груевски, кој пребега во Унгарија и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески. Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.
Повеќе за овој случај прочитајте ТУКА.