Според податоците на Министерството за здравство, на почетокот на кризата умираа околу 6% од болните од ковид-19 или 60 пациенти на секои 1 000. Оттогаш тој процент постојано се намалува за да стигне до сегашните 3,8%, односно 38 починати на 1 000 болни
Денеска земјава надмина нова црна граница кога е во прашање епидемијата со ковид-19. Регистрирана е 800 жртва на новиот коронавирус од почетокот на кризата. Нема изгледи дека бројката на починати пациенти наскоро ќе престане да расте, бидејќи епидемијата повторно доби на сила.
Анализата на „360 степени“ на бројките кои секојдневно го објавува Министерството за здравство, сепак, покажува дека во одредени статистички категории има знаци на подобрување.
Иако има голем раст на бројот на новозаболени, засега само умерено е зголемен бројот на хоспитализирани пациенти. Продолжува да опаѓа и процентот на пациенти со ковид-19 кои ја губат битката со болеста.
На почетокот умираа 60 од секои 1 000 болни, а сега 38
Од вкупно 800 пациенти кои починаа поради компликации од ковид-19, најмногу смртни исходи беа регистирани во јули, за време на т.н. „втор бран“, вкупно 184 лица. Слични беа бројките и за претходниот месец, јуни, кога починале 169 лица. Во август бројот на смрти исходи падна значително, на 117, а во септември повторно се зголеми до 136, но далеку од состојбата во јуни и во јули. Како што покажува графиконот подолу, во првите две недели од октомври веќе има 61 смртен случај, но овој податокот не ја покажува целата слика.

Само во првите 13 дена од овој месец веќе се регистрирани 3 229 новозаболени од ковид-19, што е приближно ист број на болни колку што имало во септември и во август. Но, бројот на починати од бројот на болни, засега е двојно понизок.

Ваквата значителна промена може да значи повеќе работи, меѓу кои, дека допрва ќе следат „ефектите“ од наглото зголемување на бројот на болни, дека има промени во методологијата на регистрација на смртните случаи, но и дека докторите стануваат се подобри во третманот на болните.
Дека т.н. „леталитет“ (бројот на починати од бројот на болни) се намалува, говори и следниот графикон. Според податоците на Министерството за здравство, на почетокот на кризата умираа околу 6% од болните од ковид-19 или 60 на секои 1 000. Оттогаш тој процент се намалува за да стигне до сегашните 3,8%, односно 38 починати на 1 000 болни.

Полнењето на болниците не го следи трендот на новозаразени
Барем на средината на октомври, уште еден податок кој во моментов носи мала доза на оптимизам е темпото со кое (не) се полнат болниците. Како што покажува графиконот подолу, за еден месец бројот на хоспитализирани пациенти се зголемил од 342 на 432, што е раст од 26%. Бројката не може да се гледа низ позитивна призма, се додека не се види за колку се зголемил бројот на болни.

Во истиот временски период, кога бројот на хоспитализирани пациенти со ковид-19 се зголемил за 26%, бројот на болни од вирусот се зголемил за многу поголеми 116%. Односно, на средината на септември имало 1 846 активно болни, а денеска таа бројка изнесува 3 996.

Или ако двете низи на податоци се споредат, видливо е дека бројот на пациенти во болниците се зголемува со побавно темпо, отколку бројот на активно болни од ковид-19.

Сепак, од бројките не може да се заклучи, на пример, дека вирусот ја изгубил својата моќ, па се помалку луѓе завршуваат во болница. Следните две недели ќе покажат дали тие што се разболеле на почетокот на месецов ќе развијат и потешки симптоми.
Во болниците можеби се уште има кревети, но зголемениот број пациенти ќе ги истенчи кадровските капацитети. Сведок за тоа е главната болница, Инфективната клиника во Скопје, која е на работ на капацитетот, а со слично темпо работеше и во изминатиот месец.
