Граѓанскиот суд Скопје ја отфрли тужбата за клевета на шефицата на Јавното обвинителство за организиран криминал Вилма Русковска против ВМРО-ДПМНЕ. Полномошникот на Русковска, адвокатот Панче Ефтимов, по соопштувањето на пресудата изјави дека ќе почекаат да видат какво ќе биде образложението од судот и соодветно на тоа ќе реагираат.
Според него, тие се убедени дека се исполнети условите за одговорност за клевета, но ќе почекаат да видат како размислува судот.

„Доколку се водиме од јазикот на ВМРО-ДПМНЕ, јавната критика и сарказмот, произлегува дека сваровски судијата избран од тефтерчето не може да пресуди и сè уште го држат за уши“,
изјави адвокатот на Русковска.
Обвинителката ја тужеше партијата бидејќи ги користеше нејзиното име и лик во предизборната кампања за парламентарните избори во јули годинава. Таа бараше отштета од 10 000 евра, кои рече ако ги добие ќе ги донира во СОС детското село.
Пред поднесувањето на тужбата, Русковска побара прво извинување, кое не го доби. Нејзиното име се споменуваше во два спота на ВМРО-ДПМНЕ. Во еден беше прикажана мајка како му чита приказна пред спиење на своето дете и споменува име „Вилма“, која дава можност политичарите да одберат обвинение за своите противници. Во друг спот, пак, се користеше нејзина и фотографија од судијката Добрила Кацарска, а ВМРО-ДПМНЕ велеше дека на тој начин сака да покаже дека тие станале синоним за неправдите на Зоран Заев и луј витон правниот систем.