Денеска, на првиот ден од укинувањето на одлуката за влез на државјани на Косово, Србија, Црна Гора и Б и Х само со негативен тест на ковид-19, забележано е значително зголемување на фреквенцијата на патници и на дел од граничните премини на земјава
Можно е Владата уште утре, според најави оттаму, да ја преиспита одлуката за влез во земјава без ПЦР-тест, која важи за државјани на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, а која стапи во сила денеска.
На првиот ден од укинувањето на одлуката за влез во земјава само со негативен тест на ковид-19, забележано е значително зголемување на фреквенцијата на патници на дел од граничните премини на земјава.
Од ГП „Јажинце“ информираа за поголем наплив на патници. Според нивните податоци, од ноќеска на полноќ до 15 часот границата ја поминале околу 1 500 лица.
„Сообраќајот и преминувањето на границата се одвива тековно и без проблеми. Денес во временскиот интервал 00:00 до 15:00 часот преку ‘Јажинце’ за влез и за излез поминале околу 500 странски државјани и околу 1 000 македонски државјани. Во периодот кога за преминување на границата требаше да се има ПЦР-тест, на дневна основа поминуваа само по 15-20 луѓе“,
информира Жарко Трпевски, командир на граничен премин „Јажинце“, пренесува МИА.
Денеска, од полноќ до 15:30 часот на граничниот премин „Табановце“ во државава влегле 2 133 патници, од кои 1 496 странски и 637 македонски.
Излез од државата, пак, оствариле вкупно 1 589 патници од кои 816 странски и 773 македонски државјани, соопштија од МВР.
Владата синоќа извести дека, поради влошувањето на состојбата со ковид-19 во регионот, влезот на македонски граѓани во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина нема да биде дозволен без приложување негативен ПЦР-тест, не е постар од 48 часа од моментот на влез во овие земји.
Можноста за влез на македонски државјани во Косово без ПЦР-тест останува, но Владата апелира до граѓаните да не патуваат надвор од земјата доколку немаат неодложна потреба.
Владата и здравствените власти, согласно новонастанатата епидемиолошка состојба во регионот, соопштија дека во наредните денови ќе ја ревидираат одлуката за влез на државјани на Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина во Северна Македонија, без ПЦР-тест.