Заедничката бугарска историја со Северна Македонија не е онаква каква што ја сметаат бугарските историчари – тие грешат, смета професорот на Универзитетот „Неофит Рилски“
Бугарскиот историски наратив дава впечаток дека во 1944 година едноставно е направена одредена грешка и сегашните преговори во мешовитата комисија и членството во ЕУ се инструмент за да се поправи оваа грешка, смета бугарскиот професор Д-р Стефан Дечев, историчар и предавач на Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“, во врска со објаснувачкиот меморандум кој Бугарија го испрати до земјите-членки на ЕУ во кој се посочува дека главните отворени прашања помеѓу неа и Скопје се јазикот, заедничката историја и малцинските прашања, и притоа обвинува за наводна „државна антибугарска идеологија“.
Тој за телевизијата „Блумберг Бугарија“ вели дека ставот на некои политичари во Бугарија дека историјата е заедничка и тоа бугарска, тешко дека може да најде експертска основа, дека создавањето на македонската нација не е ништо поразлично од секоја друга нација и дека македонскиот јазик е вештачки исто колку и секој друг стандардизиран јазик, односно дека не може официјален јазик да биде дијалект. Тој смета дека Бугаија мора да прекине со претензиите кон македонскиот јазик.
„Не случајно нашата позиција не го зема предвид ставот на Скопје, ние треба да погледнеме во сопствениот двор и да ја видиме нашата вина, а другото да го оставиме на македонската страна. Нашата вина може да ја лоцираме и во општеството и меѓу ставовите на некои политичари кои сметаат дека постои заедничка историја на една нација и дека до 1944 година таа е само бугарска. Оваа позиција тешко може да издржи експертиза на сериозната историографија. Заедничката бугарска историја со Северна Македонија не е онаква каква што ја сметаат бугарските историчари – тие грешат. Таа започнува во средината на 19 и почетокот на 20 век за време на револуционерните движења, кога беше тешко да се каже што е бугарско, а што македонско“,
вели Дечев.
Официјален јазик не може да биде дијалект
Дечев вели дека во Бугарија темата „Македонија“ е обвиткана со многу романтика и митологија, но дека е крајно време бугарската страна да ги прекине своите тврдења за македонскиот јазик. Порачува дека се додека не го променат начинот на кој го толкуваат идентитетот – како генетски пренесен, а не како динамичен, преговорите ќе останат во ќорсокак.
„Убедени сме дека македонската нација и процесот на нејзино создавање, и покрај сите специфики и особености, не се разликуваат од процесите на создавање на која било друга нација. Македонскиот јазик е вештачки јазик до степен до кој се и сите стандардизирани јазици во светот. Мора да се сфати дека дијалект е само дијалект – тој нема име. Официјален јазик на една земја не може да биде дијалект. Се додека не се разбере дека идентитетот на една нација е динамичен и не е генетски пренесен, сите преговори во мешовитата комисија ќе бидат непотребни и ќе дојдат до ќорсокак“,
истакнува тој.
Дечев понатаму објаснуваа дека македонската нација е создадена во време на Југославија што всушност влијаело на самиот јазик, на неговата стандардизирана норма и на азбуката.
„До летото и есента 1944 година, создавањето на македонската нација и јазик беше неизбежно, а кои се факторите и деталите за самоопределување се прашања за внатрешна дебата“,
вели Дечев, додавајќи дека таа нема да се случи додека има притисок и опасност од Софија за јазикот и идентитетот.
За тоа кој им интерес за ваков притисок од Софија, Дечев вели дека тоа се политичари кои се против бугарско-македонското пријателство и сакаат да добијат гласови кај електоратот со националистичлка реторика.
Но, тој исто така посочува и дека многу често се говори дека Белград и Москва задоволно ги тријат раце од ваквата ситуаија, иако според него, тие и не мора да прават ништо, бидејќи во Софија и Скопје има доволно сили кои можат да гу нарушаат добрососедските односи и без помош“ .
Целото интервју на професорот Дечев може да го погледнете тука.
*Поврзани вести:
Фактор.бг: Да не се правиме големи пред Македонија, блокада за ЕУ е во интерес на Путин
(ВИДЕО) Извештај: Османи од Софија се враќа со патоказ како да не дојде до блокада од Бугарија за ЕУ
Андреј Ковачев за 11 Октомври: Зошто на Заев му треба оваа провокација кон Бугарија?