Во пресрет на 11 Октомври – Денот на народното востание, Град Скопје почна со акција за чистење на спомениците на Народно-ослободителната борба (НОБ), информираше Градот во соопштение до јавноста.

Со фотографии на кои се прави споредба – какви биле спомениците претходно, а како изгледаат откако се исчистени, Град Скопје информираше дека во акцијата се исчистени спомениците на жената борец, Благоја Деспотовски – Шовељ, Перо Наков, Панче Пешев, како и споменикот на УРС-овите синдикати.

„Во наредниот период ќе продолжи акцијата за чистење на другите споменици на НОБ.Спомениците на учесниците во НОБ кои се поставени во Скопје заслужуваат посебно внимание и затоа Град Скопје ќе продолжи да се грижи тие редовно да се одржуваат заедно со просторот околу нив“,
се вели во соопштението на Градот.

Свеченостите по повод 11 Октомври годинава ќе се одржат во посебни услови согласно протоколот за одбележување државни празници на Комисијата за заштита од заразни болести односно без масовни народни собири, со минимум присутни лица и почитување на здравствените протоколи и обезбедена дистанца и заштита.