Во резолуцијата, меѓудругото, се повикуваат бугарските власти и на спроведување на релевантните пресуди на Европскиот суд за човекови права, при што се наведени и пресудите кои се однесуваат на неможноста на македонското непризнаено малцинство во Бугарија да регистрира свое здружение или политичка партија
Со 358 гласа „за“, 277 „против“ и 56 воздржани, Европскиот парламент усвои резолуција во која се изразува недвосмислена поддршка за бугарскиот народ во своите барања и легитимни аспирации за правда, транспарентност, одговорност и демократија.
Гласањето на Европскиот парламент е необврзувачко и е поттикнато од повеќемесечните антивладини протести, на кои се бара оставка од владата и од премиерот Бојко Борисов, обвинувајќи ги за соработка со олигархиската мафија која врши влијание врз клучните институции, како што се судството, медиумите и безбедносните служби.
„Владеењето на правото значи поделба на власта, но обвинувањата за судска корупција и политички мотивирани гонења се зголемуваат. Владеењето на правото значи слобода на медиумите, но гледаме дека владата врши сѐ поголемо влијание врз јавните медиуми и прибегнува кон клиентализам кога станува збор за приватни медиуми. Владеењето на правото значи да се залагаме за граѓанските права, но ние сме сведоци на полициско насилство и сузбивање на малцинските права“,
рече известувачот и предлагачот на резолуцијата Хуан Фернандо Лопез Агилар.
Резолуцијата се однесува на значителното влошување на почитувањето на принципите во врска со владеењето на правото, демократијата и основните права, особено независноста на судството, поделбата на власта, борбата против корупцијата и слободата на медиуми, како и на постојаните системски прашања во правдата, вклучувајќи го и недостатокот на механизми за отчетност на Високиот судски совет и на јавниот обвинител.
Во резолуцијата се повикуваат бугарските власти и на спроведување на релевантните пресуди на Европскиот суд за човекови права, при што се наведени, меѓу другото, и пресудите што се однесуваат на неможноста на македонското непризнаено малцинство во Бугарија да регистрира свое здружение или политичка партија: пресудата од 19 јануари 2006 година, Обединета македонска организација „Илинден“ и други (апликација бр. 59491/00); пресуда од 18 октомври 2011 година, Обединетата македонска организација „Илинден“ и други (бр. 2) (апликација бр. 34960/04); пресуда од 11 јануари 2018 година, Обединета македонска организација „Илинден“ и други (бр. 3) (апликација бр. 29496/16); пресуда од 11 јануари 2018 година, Јордан Иванов и други (апликација бр. 70502/13).
Притоа се бара од бугарските власти да ги осудат сите акти на насилство и говорот на омраза против малцинствата.
Другите проблеми околу кои постои загриженост меѓу европратениците за Бугарија се однесуваат на: уставните реформи, кои треба да бидат во согласност со меѓународните стандарди; можните измени во изборниот закон, неколку месеци пред следните законодавни избори; усвојување на законодавство преку забрзани процедури; недостаток на резултати од истраги за корупција на високо ниво; состојбата на основните права во Бугарија, особено во врска со говорот на омраза, сексуалната и половата дискриминација, како и правата на Ромите и барателите на азил.
Европратениците ги осудуваат кампањите на клевета и насилните инциденти против новинарите, влошувањето на слободата на медиумите, транспарентноста и недостатокот на разновидност во сопственоста на медиумите, како и повластената распределба на средствата на ЕУ за провладините медиуми.
Европратениците ја повторија потребата од построга контрола врз начинот на трошење на средствата на ЕУ и повикуваат на итни одговори на загриженоста дека парите на даночните обврзници се користат за збогатување на оние поврзани со владејачката партија.
„Парламентот испраќа силен сигнал дека не можеме да замижуваме кон земјите на ЕУ кои имаат проблем со владеењето на правото и основните права. Народот на Бугарија заслужува да живее во европска земја ослободена од корупција и каде што нивните права се загарантирани со владеењето на правото“,
рече европратеничката од Зелените, Ска Келер.
Во Бугарија веќе три месеци се одржуваат протести против владата на Борисов, при што се бара негова оставка и оставка од јавниот обвинител Иван Гешев и одржување фер избори.
Протестите почнаа откако Иван Гешев нареди претрес на кабинетот на претседателот и апсење на двајца соработници на Радев.