Центарот за граѓански комуникации објави истражување по анализа на тендерите на 37 јавни претпријатија, кои лани потрошиле вкупни 247 милиони евра. Документот укажува на многубројни пракси и примери кои носат ризик за корупција
Јавните претпријатија основани од Владата или општините често и значајно ги менуваат годишните планови за тоа колку пари ќе потрошат на тендери. Овој заклучок, кој е производ на истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦКГ), според невладината организација, е еден од највидливите ризици за корупција во јавните набавки.
Во документот што го носи името „Мапирање на ризиците од корупција во јавните набавки на претпријатијата во сопственост на Владата и на општините“ се истакнуваат и други проблематични пракси, до кои истражувачите дошле преку набљудување на сите јавни набавки во 2019 година на 37 јавни претпријатија основани од Владата, Градот Скопје и општините Кавадарци, Гостивар и Струга.
Првично планирале 12, а спровеле 35 тендери
Од 37 анализирани претпријатија, покажува истражувањето на ЦКГ, само три (8% од вкупниот број набљудувани претпријатија) не го смениле планот за јавни набавки во тековната година, односно се придржувале на планот донесен на крајот на 1 јануари 2019 година. Сите останати постапиле спротивно, при што 49% направиле до три измени, а 43% од јавните фирми направиле повеќе од три измени.

Кај некои јавни претпријатија, како АД „Електрани“, големиот број на измени на планот за јавни набавки е разбирлив бидејќи претпријатието само во 2019 година спровело дури 986 тендери.
„Така, на пример, во Градски енергетски системи АД Скопје, со една измена на планот за јавни набавки бројот на тендери е зголемен од 12 на 35, потоа во АД Железници на РСМ Транспорт – АД Скопје, со три измени на планот бројот на планирани набавки е зголемен од 138 на 200, а во ЈСП Скопје, со 4 измени бројот на тендери е зголемен од 152 на 193 тендери“,
се вели во истражувањето.
Од друга страна, пак, голем број од јавните претпријатија не успеваат да ги спроведат тендерите што ги планирале. Сето тоа, велат од ЦКГ, говори за несоодветна проценка на потребите и го зголемува ризикот од влијание на надворешни актери врз одлуките на службените лица, што создава можност за „неформални договори“.
Во насока на зголемување на притисокот врз институциите за наменско трошење на јавните пари, во Законот за јавни набавки е предвидена обврска во одлуката за јавна набавка да се даде образложение на потребата од јавната набавка. Практиката покажува дека оваа обврска не се применува сериозно и во одлуките за јавна набавка се наведува само формално образложение. Дополнително, во речиси сите тендери што беа предмет на мониторинг не беше изготвен квалитетен документ за начинот на којшто е утврдена проценетата вредност на набавката. За значајноста на овој аспект од јавните набавки говори и податокот дека еден од осумте црвени знаменца за корупција изготвени од Бирото за јавни набавки е токму нереално високата или ниската цена на набавките. Оттука, реалната проценка на трошоците, односно проценетата вредност на набавката е податокот со којшто договорните органи треба да располагаат не само за да ги планираат трошоците, туку и навреме да се детектира и спречи потенцијална корупција
се вели во истражувањето.
Проценета вредност само фиктивно е „тајна“
За ЦКГ е особено интересен и уште еден наод. Забележале дека често, кога јавното претпријатие не објавува колку пари планира да потроши на одреден тендер туку само што и колку сака да купи, понудите биле идентични со „тајно“ предвидените пари за таа намена.
Пример 1
Државно јавно претпријатие во огласот за јавна набавка на фумигација на жито не ја навело проценетата вредност на тендерот, која била позиционирана на 1 200 000 денари (19 512 евра) без ДДВ. Добиена е една понуда, и тоа со цена од 1 199.610 денари, што е само 390 денари помалку, односно 0,03%. Вредноста не можела да се насети од видот на постапката бидејќи во „поедноставена отворена постапка“ можат да се купат стоки во вредност од 10 000 до 70 000 евра без ДДВ ниту, пак, од вредноста на претходниот тендер, за што постојат информации во Електронскиот систем за јавни набавки. Договорот е склучен со единствениот понудувач.
Пример 2
Акционерско друштво во тендер за градежни работи за изградба на објект ја проценило вредноста на зафатот во износ од 65 262 000 денари без ДДВ. Проценетата вредност не била јавно објавена во огласот за јавна набавка. Добиени се 2 понуди, од кои една е на износ од 65 220 636 денари, односно само 0,04 % пониска од проценетата вредност, и втора понуда од 87 906 122 денари. Понудите се дадени врз основа на предмет којшто содржи 132 ставки и симптоматично е вооченото совпаѓање на пресметките направени во акционерското друштво и на еден од понудувачите. На електронската аукција не биле доставени нови намалени цени и договорот е склучен со понудата од 65 220 636 денари без ДДВ. Вредноста на договорот со ДДВ изнесува 76 960 351 денари, односно 1,2 милиони евра.
„Праксата на јавните претпријатија и акционерските друштва е поделена, но секако дека во случаи кога проценетата вредност не се објавува јавно, таа информација не треба да биде доверена на фаворизираните понудувачи“,
се вели во истражувањето на ЦКГ.
Дури 40% од тендерите во јавните претпријатија се со една понуда
Претпријатијата кои биле предмет на набљудување, потрошиле вкупно 247 милиони евра на тендери во 2019 година, што е 27% од вкупните јавни набавки во земјата. Но, од друга страна, оваа група на субјекти е значително под националниот просек, кога станува збор за конкуренцијата во јавните набавки.
„Просечниот број на добиени понуди во мониторираниот пример на тендери на таргетираните претпријатија изнесува 2,5 понуди на тендер, што е значително под националниот просек во 2019 година, којшто според податоците добиени од Бирото за јавни набавки, изнесува 3,3 понуди по постапка“
се вели во истражувањето на ЦКГ.
Или во 40% од тендерите се јавил само еден понудувач, во 22% имало двајца понудувачи, а само во 38% имало три или повеќе понуди.

Но, ризик од корупција и нерационално трошење на јавните средства не се препознава само кога има мал број на понуди, туку и кога оној што набавува често ги поништува тендерите. Во групата истражувани јавни претпријатија, осум имаат повисок процент на поништени тендери отколку националниот просек.

Иста стока, двојно повисоко цена
Еден од механизмите кои откриваат сомнежи во јавните набавки кои ги разви ЦКГ низ годините е т.н. „индекс на рационалност“. Станува збор за споредба на цената на еден стандарден производ што го купуваат поголемиот дел од институциите.
Во случајот со 37 јавни претпријатија, за споредба е земена хартијата за печатење, поточно 1 топ хартија А4 формат, бела од 80 г. Разликите се огромни, најевтината е купена за 158 денари, а најскапата за 349. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува 1 : 2,20, односно највисоката цена е за 120% повисока од најниската.
Апсурдот да е поголем, сите објавиле оглас за набавка на хартијата каде што главен критериум била најниската цена, а некои сепак платиле и 60% повисока цена од просекот.

Претпријатијата ветуваат дека ќе се подобрат
Целта на извештајот на Центарот за граѓански комуникации, сепак, не е само да ги идентификува потенцијално коруптивните практики, туку и да ги поттикне набљудуваните јавни претпријатија да ги подобрат својата транспарентност и постапки.
Во рамките на проектот биле склучени писма со основачите на јавните претпријатија, и тоа со Владата на РСМ, Градот Скопје и општините Кавадарци, Гостивар и Струга, во кои е наведено дека по детектирањето на генераторите на корупцијата во јавните набавки кај овие претпријатија, ќе се постават стандарди за унапредување на отчетноста и интегритетот и ќе се даде поддршка за воспоставување
одржливи механизми за унапредување на начинот на спроведување на јавните набавки.
„Основачите на таргетираните претпријатија се обврзаа дека ќе преземат напори за укажување на претпријатијата да ги земат предвид наодите и препораките коишто ќе произлезат од проектните активности и да вградат механизми за подобрување на спроведувањето на јавните набавки“,
се вели до документот на Центарот за граѓански комуникации.
Предмет на мониторинг беа тендерите на 37 акционерски друштва и
претпријатија основани од Владата, Градот Скопје и општините Кавадарци, Гостивар и Струга. Во 2019 година овие претпријатија склучиле договори за јавни набавки во вредност од 247 милиони евра, што е 27% од вкупните јавни набавки на земјата.