Николоски е свесен дека низ отворена, легитимна и транспарентна судска постапка, уште еднаш ќе се докаже дека направил клевета и затоа измислува нови лаги со кои ја лаже јавноста, реагираа денеска од владејачкиот СДСМ на прес конференцијата на потпретседателот на ВМРО-ДМПНЕ Александар Николоски, кој објави дека премиерот Зоран Заев го тужел за клевета за негова изјава во која тврди дека Заев е на врвот на пирамида која рекетирала 20 милиони евра.
„Николоски денеска се обиде да најде алиби за оправданата тужба за клевета што ја изрекол кон претседателот Зоран Заев. Николоски кој упорно лаже, најмногу се плаши од вистината, затоа е оваа негова панична реакција денеска“, се вели во соопштението од СДСМ.
Николоски рече дека тужбата од Заев следи откако неговиот брат Вице е исто така во тужба за клевета, не успеал да добие отштета од Николовски.
„Бара да му исплатам 60.000 денари отштета, како и да му го платам скапиот адвокат. Бара 60.000 денари отштета затоа што брат му Вице е исто така во тужба за клевета, не успеа да добие од мене 30.000 денари отштета, па сега веројатно по принципот евро за евро бара 60.000 денари отштета за да можат со брат му да поделат по 30.000 денари. Зоран, кој јавно го советуваше Вице да не ме тужи за клевета, сега тој истиот Зоран ме тужи“, изјави денеска Николоски на прес конференцијата.
Од СДСМ во соопштението велат дека судски е потврдено дека Николоски ширел лажни вести и тоа продолжува да го прави и денес да се промовира како жртва.
„Апелацискиот суд во Скопје ја одби жалбата на Николоски за случајот во кој тој беше обвинет за клевета на Вице Заев. Со тоа, Апелација ја потврди пресудата на понискиот суд со која е утврденa граѓанска одговорност од Николоски дека сторил клевета на јавен телевизиски настап“, велат од СДСМ.
Николоски денеска кажа дека нема намера да се извини и дека времето ќе покаже дека неговите тврдења се точни.