Не ни требаат крпеници од протоколи, доброволно ќе ги затвориме објектите на две недели, реагира денеска Независната угостителска комора (НУК) по вчерашното донесување на најновите владини мерки.
Новите ограничувања нема да го решат зголемениот број на заболени, сметаат угостителите, туку ќе ги поттикнат младите да бараат алтернативни решенија на дружење и забава, како што се групни и масовни собирања на приватни забави, по паркови, паркинзи и возила, без никаква контрола и никакви механизми за заштита и превенција на личното и јавното здравје.
„Не ни требаат крпеници од протоколи, доброволно ќе ги затвориме објектите на две недели. Но, што ако бројките на ковид и натаму растат? Дали Филипче и Караџовски ќе имаат доблест и смелост да им се извинат на угостителите, да ја надоместат штетата и јавно да се признаат дека угостителските објекти не се причина за зараза, туку оправдание за избегнување на одговорноста на погрешните мерки и генерални препораки за спречување на ширењето на коронавирусот“,
вели претседателот на Комората, Здравко Јосифовски, во дописот до медиумите.
Според него, поради десетина неодговорни угостители, Комисијата за заразни болести со новите мерки казнува 6 500 угостители со 35 000 вработени.
„Наместо да изработат и предложат или да ги прифатат нашите предлози за унифицирани препораки на целокупната угостителска индустрија, Комисијата со нови парцијални промени на протоколи за работа само ќе го докомплицира работењето на угостителите и естрадните уметници и ќе предизвика непотребни протести и угостителска криза. Многу побезболно, подобро и поквалитетно решение ќе беше Владата наместо да ѝ удоволи на Комисијата за заразни болести, да излезе во пресрет на барањата на директорот Стојко Пауновски да се зголемат ингеренциите, да даде поголеми надлежности и да му пренесе нови овластувања на Државниот пазарен инспекторат. Таквото решение и нова ригорозна казнена политика за непочитување на протоколите ќе овозможи инспекторите од ДПИ веднаш да ги казнат, затворат и пломбираат угостителите кои не ги почитуваат важечките законски прописи, уредби и протоколи за работа со што ќе се овозможи на сите останати угостители кои максимално се залагаат во почитување на истите да работат со цел да опстанат“,
вели Јосифовски.