Анализата на епидемиолошките анкети укажала дека масовните собири со непочитување на протоколите се една од главните причини за зголемување на бројот на случаи со ковид-19. Во прилог на тоа е и податокот дека најголемо зголемување на кривата има кај популацијата од 20 до 30 години
Владата вечерва ги прифатила предлозите на Комисијата за заразни болести за нови мерки за заштита од ковид-19, кои овој пат главно предвидуваат ограничувања во работата на угостителските објекти.
Во изјава во „Вестите“ на ТВ21, Филипче посочи дека овие мерки се едногласно донесени од Владата и доколку има потреба ќе се препорачаат нови рестрикции.
„Тоа значи дека повеќе нема да има гостување на пејачи и на диџеи во угостителските објекти. Повторно потсетуваме дека немаат дозвола за работа, односно дискотеките и ноќните клубови во ниту еден момент не добија дозвола. Понатаму, се намалува дозволената јачина на звукот на 55 db за да се одржи препорачаната дистанца и се намалува бројот на лица коишто седат на една маса од 12 на 4 лица“,
посочи Филипче.
Овие мерки се предлагаат затоа што анализата на епидемиолошките анкети укажала дека масовните собири со непочитување на протоколите се една од главните причини за зголемување на бројот на случаи со ковид-19. Во прилог на тоа е и податокот дека најголемо зголемување на кривата има кај популацијата од 20 до 30 години, а потоа и кај тие од 30 до 40 години.
Од Владата соопштија денеска дека Пазарниот инспекторат во текот на вчерашниот ден спровел над 100 контроли низ целата држава. Притоа, кај 19 субјекти се изречени казни за непочитување на здравствените протоколи и други прекршоци.