Фирмите и самостојните вршители на дејност од денеска до 30 април ќе можат да аплицираат за финансиска поддршка за исплата на платите за февруари и март, опфатени во петтиот сет економски мерки, за кои се издвоени 1,9 милијарда денари, а со кои плати треба да земат 60 илјади работници. Министерот за финансии Фатмир Бесими, кој денеска ја презентира мерката, потенцира дека висината на поддршката ќе биде утврдена согласно процентот на намалување на приходите на фирмите во последните три месеци пред месецот за кој се поднесува барање, во однос на истиот период претходната година.
„За намален приход од 30 до 40 отсто износот на финансиската поддршка е до 14 500 денари, од 40 до 50 отсто финансиска поддршка до 15 955 денари, од 50 до 60 отсто финансиска поддршка до 17 410 денари, од 60 до 70 отсто финансиска поддршка до 18 865 денари, од 70 до 80 отсто финансиска поддршка до 20 320 денари и над 80 отсто намален приход износот на финансиска поддршка е до 21.776 денари“,
изјави Бесими.
Бесими истакна дека дополнителни поволности за оваа мерка во однос на претходните пакети е што за сите корисници на финансиската поддршка за исплата на плати предвидено е 50 отсто од исплатената помош да се трансформира во грант, без никакви услови.
Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, ги образложи условите и начинот за аплицирање за оваа мерка, а посочи и дека речиси 15 илјади фирми не исплатиле плата за месец март. Според податоците на УЈП, 54 662 работници не зеле плата за март, а во февруари на 9 947 работници.
„Имајќи во предвид дека се очекува реализација на оваа мерка за финансиска поддршка од петтиот сет антикризни мерки, сѐ уште немаме започнато како даночен орган да спроведуваме присилна наплата по неплатените МПИ за февруари 2021 и немаме спроведено опоменување за неплатените МПИ за март 2021“,
изјави Лукаревска.