Три лица од Кавадарци биле уапсени поради сомнение дека биле инволвирани во настанот
Утринава нешто пред пет часот на заден влез од казино во Кавадарци на улицата „Никола Минчев“, по физичка пресметка, е убиен 43-годишен маж од Кавадарци, потврдија од Министерството за внатрешни работи.

Оттаму велат дека во тепачката убиеното лице паднало на земја и иако Итната медицинска помош веднаш пристигнала и му укажала помош во 5 часот и 15 минути била констатирана смрт. Набргу по настанот, биле приведени три лица од Кавадарци поради сомнеж дека тие се инволвирани во настанот – Д.Б. на возраст од 26 години, М.Ѓ. на возраст од 35 години и 27-годишниот Д.С.
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци и полициски службеници вршат увид на местото, на надзорните камери од казиното и по целосно расчистување и документирање на случајот против сторителите ќе биде поднесена соодветна пријава“,
велат од МВР.
Од Основното јавно обвинителство Кавадарци во изјава за МИА велат оти нивни припадници се на самото место во казиното каде што се прибираат траги и докази, но за разлика од МВР од каде што велат дека се уапсени три лица, од Обвинителство велат оти првично се задржани четири лица. Раководителот на Службата за итна медицинска помош во Кавадарци, Антоан Паракеов, пак, претходно потврди дека убиството се случило околу пет часот пред казино и оти убиениот имал смртоносни повреди на главата.