Посебно збунети се пазарџиите, некои од нив веќе ги набавиле новите биоразградливи кеси, но, како што велат засега, нема да ги продаваат затоа што не издаваат фискални сметки
Кесите за носење на купените производи од денеска се продаваат за 15 денари во повеќе маркети во Скопје, во што се увери и екипата на „360 степени“, која денеска беше во обиколка на неколку продавници и пазарчиња во главниот град. Сепак, како што можевме да забележиме, многу помалобројни се купувачите кои, освен продуктите што им се потребни, си купуваат и кеса за да ги однесат до дома. Повеќето од нив си носат торби за повеќекратна употреба или кеси што ги зачувале дома.
Од денес официјално стапи во сила новата регулатива на Министерството за животна средина и просторно планирање, според која кесите во сите пазарни објекти чинат најмалку 15 денари – сума што оди во фонд за заштита на животната средина.
По таа цена денеска им се продаваа кеси на купувачите што ќе го побараа тоа во маркетите што ги посетивме.
Она што го добивме како информација од прва рака, односно од самите вработени во маркетите, е дека кесите што ги продаваат се истите оние што се користеа и пред донесување на оваа одлука. Пред да се донесе одлуката за продажба на кесите по 15 денари, тие се продаваа за еден или два денари од парче, а во одредени супермаркети беа и бесплатни.
„Станува збор за истите кеси, само што сега чинат по 15 денари“,
ни рече вработена во еден скопски маркет во Општина Ѓорче Петров што го посети екипата на „360 степени“.
Од друга страна, на пазарот во истата населба забележавме збунетост кај пазарџиите. Некои од нив веќе ги набавиле новите биоразградливи кеси, но, како што велат засега, нема да ги продаваат затоа што не издаваат фискални сметки кои би биле потврда за цената на кесите. Засега, како што велат, ќе ги користат старите пластични кеси што ги имаат во резерва сè додека не добијат соодветно известување од институциите на кој начин да ги продаваат новите биоразградливи кеси што треба да ги воведат во продажба.
„Во моментов и ние сме во двоумење, не знаеме што да правиме. Тие кеси што ги имаме, тие ќе ги употребуваме. Ние денеска функционираме уште по старо, затоа што немаме најава како да функционираме, како ќе ги продаваме кесите. Јас купив биоразградливи кеси, ама ми стојат настрана како ‘црно на бело’, за да се види дека ги имам“,
вели пазарџика од пазарот во Ѓорче Петров во изјава за „360 степени“.
Еден од пазарџиите со кои разговаравме, пак, рече дека, доколку набават биоразградливи кеси, при самото купување од производителот на кеси, ќе биде одвоен паричниот износ кој од продажбата на кесите ќе биде префрлен во посебниот фонд што ќе биде наменет за инвестиции во животната средина.
„Уште не знаеме што ќе правиме, никој не ни кажал. Ако почнеме да продаваме биоразградливи кеси, производителот директно ќе ги враќа парите во Фондот, затоа што ние не издаваме фискални сметки. Во Фондот ќе се враќаат парите од прва рака, од производителот“
вели еден пазарџија.
Додека едните почнаа да ги продаваат кесите по нова цена, а другите сè уште се во дилеми што да прават, граѓаните се поделени. Едни сметаат дека одлуката е во ред, други, пак, велат дека цената на кесите е превисока за нашиот стандард.
„Многу се скапи. Ајде барем пет денари да ги покачеа, ама 15 се многу. Јас со торба си пазарам, ама ќе ми затреба да купам и кеса некогаш. Сепак, не верувам дека ќе се подобри свесноста на луѓето со оваа одлука“,
смета соговорничка во изјава за „360 степени“.
„По петнаесет денари ли се сега истите кеси? А нели други ќе воведат? Јас мислам дека рекоа дека ќе бидат воведени други кеси со друг квалитет. Јас сум за да ги укинат целосно. Еве со торба си пазарам“,
ни изјави друга соговорничка во еден од маркетите што ги посетивме.
Одлуката за наплаќање на кесите по 15 денари стапува во сила од денеска и е дел од Законот за управување со пакување и отпад од пакување кој предвидува намалување и ограничување на употреба на пластика за еднократна употреба. Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини вели дека идејата за овој закон не е да се акумулираат парични средства туку да се намали употребата на пластика и да се заштити здравјето на граѓаните. Производителите на кеси, пак, до 2023 година ќе можат да ги произведуваат оксиразградливите кеси, но нивната пазарна цена ќе биде 15 денари, како што налага новиот закон.
Нуредини на денешниот брифинг појасни дека суштината на новите измени во врска со наплатата за биоразградливите кеси е да се подигне јавната свест за користење на платнени торби, односно да се намали употребата на пластика.
Тој истакна дека главната цел не е да се земаат пари од граѓаните, туку да се промени начинот на пазарење и граѓаните да обрнат внимание на загадувањето на животната средина.
„Ние ќе информираме јавно и транспарентно во првиот квартал на наредната година колку пари се собрале во фондот и што ќе правиме со тие средства“,
рече Нуредини и посочи дека тие пари ќе бидат наменети за проекти за намалување на загадувањето на животната средина.
На прашање околу цената на кесите за отпад, министерот кажа дека во моментов не е донесена одлука за промена на нивната цена. Тој појасни дека во иднина ќе се носат закони што ќе придонесат за намалување на употребата на пластика.