Зошто родителите ме оставиле? Имам ли браќа и сестри? Што ќе се случи ако го побарам моето биолошко семество? Ова се прашањата што често си ги поставуваат децата кога ќе дознаат дека се посвоени, но тешко доаѓаат до одговори.
„Да не направиме инцестна држава и да се заштитиме и самите себе си од наследни болести“, вели Марија Џипунова Трајковска.
Во законот пишува – „посвојувањето е службена тајна“. Институциите не даваат податоци за семејната историја.
„Нашиот одговор е секогаш согласно она што го диктира законот“, изјави Наташа Младеновска Лазаревска – Директорн на ЈУ Дом за доанчиња и мали деца – Битола.
Од Првата детска амбасада Меѓаши велат дека со ова Македонија ги крши правата на децата.
„Препораката на комитетот за правата на детето на Обединетите нации при Женева јасно упатува до членките потписнички на оваа конвенција дека децата треба да си ги знаат своите биолошки родители и тоа не треба да биде службена тајна“, посочува Драги Змијанац од „Меѓаши“.
Дали државата ќе ги следи меѓународните практики или попусти ќе бидат напорите на посвоените за измени во законската регулатива?
ПРИКАЗНАТА НА ВЕЛЕШАНКАТА МАРИЈА ЏИПУНОВА ТРАЈКОВСКА
„Дека сум посвоена дознав од мојата осма година, ми кажаа моите родители. Сето тоа го прифатив многу нормално, како што би го прифатило едно дете во рамки на своето семејство кое многу го сака и му пружа љубов и поддршка. Прво беше како еден шок, што се случи сега? Дали навистина овие родители не се тие што ме родиле? Но, после тоа се созедов и добро е што е така. Супер е што имам семејство што ме сака, ми дава дом, потпора и ме гради како личност“, раскажува 24 – годишната Марија Џипунова Трајковска од Велес која и самата е мајка.
„Почувствував потреба да ги побарам моите биолошки родители, искрено, кога останав трудна и кога го родив моето дете затоа што тогаш најубаво го сфатив мајчинството, како е всушност да носиш дете и да го родиш“, вели Марија.
И така започнала потрагата. Од различни извори добила информации, чија точност Марија се уште ја проверува, за биолошките родители и за своите роднини, кои вели дека ги има во неколку градови во земјава. Со дел од нив веќе стапила во контакт.
„Се доаѓа до вистината затоа што Македонија не е голема држава, градовите не ни се многу големи, секој со секого се запознаваме, се знае кој има родено и дадено дете и така може да се најдат. И нормално со ДНК тестирање, се завршува со ДНК тест“, додава таа.
На Марија и е важно да си го знае минатото за да ги има податоците за евентуални семејни болести кои можат да се пренесуваат од генерација на генерација, но и поради опасноста од инцест.
„Сега, кога си мајка, си велиш: добро што ако утре син ми дојде дома и се ожени со негова прва братучетка? Ќе има инцест, а јас како мајка не го знам и неможам да го заштитам. Заради тоа ја почнав целата потрага и среќа што испадна се успешно. Ги дознавме кои се, се знаеме, сега можам да го заштитам син ми. Има случаи каде што не се знаат први братучеди или, не дај Боже, брат и сестра влегуваат во брак и што направивме тогаш?“, прашува Марија.
Посвојувањето во земјава е уредено со Закон за семејство. Членот 123 вели дека податоците за заснованите посвојувања се службена тајна.
Токму поради ова законско решение, неуспешни биле обидите на Марија во Центарот за социјални работи да добие информации за биолошките родители. „Прашав за наследни заболувања за да не одам да ги правам тие испитувања за да заштедам на време, но за жал помина неуспешно, не ми го дадоа досието со наследни болести. Јас не барав од неа да ми каже кои се моите биолошки родители, нивниот идентитет, меѓутоа барем за наследните болести мора да се знае, зошто некои се од животно загрозувачки карактер“.
АЛТЕРНАТИВНИ НАЧИНИ ЗА ПОТРАГА
Нарциса Тунтева ја направила фејсбук групата Био фамили. Сега има околу две и пол илјади членови кои ги објавуваат своите податоци и фотографии надевајќи се дека ќе ги најдат своите корени. Деца кои дознале дека се посвоени си ги бараат биолошките родители. Има случаи кога и родители си ги бараат децата од кои некогаш се откажале. Еве дел од нив:
„Здраво добри луѓе. Ве замолувам доколку го видите овој човек, татко ми, кој мислам дека се наоѓа во Скопје, да ме известите на телефон. Тој е градежник и би требало да работи во некоја градежна фирма. Многу сакам да стапам во контакт со него, а не можам да го најдам…“
„Станка е биолошката мајка. Ја споделувам приказната од девојката која ја бара, зашто со споделувања може ќе се најдат. Може и Станка ја бара својата ќерка. До промена на законот, ни останува само оваа опција.“
“Цели 15 години се бориме за да ја најдеме нашата ќерка и се уште немаме никаков одговор од институциите во Македонија. И од медицински аспект не можеме да добиеме никакви информации за нашата керќа, бидејќи ни се затворени сите врати.“
„Многу сме осудувани, зборувам за членовите што си ги бараат своите родители или децата. Најчесто мајките ги бараат своите деца. Ме зачуди фактот што има мајки кои веќе имаат формирано семејство, стабиле во брак, имаат по 2–3 деца, но сепак ги бараат своите деца. Јас од тоа сум навистина фрапирана затоа што претходно сите ги осудувале тие мајки. На децата им велеле да не ја бараат својата биолошка мајка, таа те напуштила и ред други работи. Но, не е секогаш така како што ние мислиме, зашто постојат многу причини“, вели Тунтева.
МЕЃУНАРОДНИ ПРАКТИКИ НАСПРОТИ ДОМАШНОТО ЗАКОНОДАВСТВО
Универзитетскиот професор Елена Игновска посочува два случаја од Европскиот суд за човекови права кои смета дека треба да ни послужат за пример. Во првиот, „Одиевр против Франција“, судот констатирал дека земјата се грижи како за правата на детето да го дознае своето генетско потекло, така и за приватноста на биолошките родители. Тужителот можел да се обрати до соодветниот национален совет кој ја прашува биолошката мајка дали сака да си го запознае своето дете.
„Се дојде до заклучок дека државата праведно ги балансирала трите засегнати интереси, односно, интересите на мајката да остане анонимна, интересите на детето да знае и јавниот интерес, да нема илегални абортуси, да нема напуштање на децата“, појаснува Игновска.
Во друг случај, пак, „Годели против Италија“, судот констатирал дека земјата, слично како кај нас, апсолутно забранува пристап до информации за биолошките родители и дека тоа е грубо кршење на правата на детето, а таквиот закон ја заштитува само приватноста на родителите.
„Не мора да се дојде до ситуација ние да изгубиме случај пред Европскиот суд за човекови права. Доволно е што постои пракса во оваа област која треба да ни биде некаков знак, некаков патоказ, ние да го промениме нашето законодавство“, посочува таа.
И од „Меѓаши“ посочуваат дека со актуелниот закон се крши член 7 од Конвенцијата за правата на детето според кој тоа има право да го знае своето генетско потекло, а државата има обврска да му овозможи пристап до тие информации. Македонија, која е потписник на таа Конвенција, се уште не го усогласила своето национално законодавство.
„Се создава, неоправдано, лутина и бес кај нив зошто тоа не им се кажало на време и зошто мора да биде тајна. Многу едноставен пример: може да се вљубат во крвно сродство, тоа е инцест и можат да настанат многу потешкотии. Децата треба да си ги знаат биолошките родители и по генезата, едноставно, треба да знаат со какви се болести и ситуации се среќавале нивните родители, имаат потреба да градат пошироки контакти со поширокото семејство и на овој начин сметам дека децата се обесправени и дека не им се дава можност да ги дознаат биолошките родители вака како што е поставен Законот за семејство“, изјави Драги Змијанац – Прва детска амбасада „Меѓаши“.
Домот за доенчиња и мали деца во Битола, покрај центрите за социјални работи, е една од институциите во кои се чуваат доверливите податоци за посвојувањата. Во Домот има околу 70 деца, половина од нив се бебиња. Многу од посвоените, кога ќе пораснат, повторно се враќаат тука. Овој пат барајќи информации за своето биолошко потекло.
„Сум имала искуства тоа да биде една некоректна ситуација која завршувала и со определени закани, во смисла на тоа дека ние ги знаеме податоците, но не сакаме да ги кажеме од некои тенденциозни причини. Се обидуваме, верувајте, со сите расположливи информации кои се од јавен карактер, да им дадеме до знаење дека станува збор за исклучително чувствителна проблематика за која што најпрво законот не дозволува да биде како таква презентирана, а од друга страна доколку биде презентирана по некакви алтернативни патишта, кои што го избегнуваат законот, тогаш тоа може да вроди со негативни последици како за институцијава и за одговорното лице во неа, но и вработените што би оддале ваква тајна, но исто така и за самото дете кое ќе ја разбере информацијата и истата би можело да ја употреби на несоодветен начин заради тоа што тоа не е една осамена страна, од другата страна секогаш се наоѓа биолошкиот родител“, смета директорката на Домот Наташа Младеновска Лазаревска.
Од Министерството за труд и социјална политика не информираа дека до нив не е доставена иницијатива за измена во Законот за семејство, за посвоените деца да имаат право на информации за своето биолошко потекло. Ако добијат ваква иницијатива, велат ќе ја разгледаат и потенцираат дека сегашните законски одредби биле донесени поаѓајќи од социо – културното ниво на граѓаните и традиционалниот начин на живеење – што и да значи тоа.
Сепак, посвоените деца како Марија не ја губат надежта. „Ако сме сите обединети верувам дека ќе успееме затоа што неопходно е да има измени во законот. Ние како посвоени деца, тоа што го бараме нашиот корен нашето биолошко потекло, не значи дека ние не ги сакаме нашите посвоители, напротив. Едно дете, кога дознава дека е посвоено, тоа развива уште поголеми чувства за своите родители затоа што тие се неговиот живот и свет“, вели Марија.
ПРОВЕРЕТЕ ПРЕД ДА СЕ ВЉУБИТЕ – ИСЛАНДСКО ИСКУСТВО
Со опасноста од зачестени инцестни врски се соочуваат речиси сите помали држави. На пример Исланд, која има околу 330 илјади жители. Затоа изработиле телефонска апликација. Со едноставно внесување лични податоци секој исланѓанец може да си го провери семејното стебло до длабоки корени.
Напишете коментар