Избори 2014. Од дијаспората за гласање се пријавија околу 24 000 граѓани, а еден од тројцата пратеници беше избран со само осумстотини гласа.
Годинава за предвремените парламентарни избори се пријавиле 20 500 гласачи од дијаспората. Но, овој пат, трите изборни единици се споени во една и прагот за избор е многу повисок, околу 6 500 гласа.
Пријавувањето на гласачите од дијаспората заврши на 11-ти ноември. Граѓаните што сакаат да гласаат во државата во која се на привремена работа или престој, требаше да поднесат своерачно потпишана пријава до дипломатско-конзуларните преставништа или електронски на веб-апликацијаta на Државната изборна комисија. Но, зачудувачки, токму преку оваа апликација на Државната изборна комисија, илјадници македонски граѓани од различни делови на светот наведувале една иста е-маил адреса за контакт со ДИК.
На пример, дури 2 429 граѓани од дијаспората ја оставиле е-маил адресата [email protected], како адреса на која може да ги контактира Државната изборна комисија. Од нив, 874 пријави се за гласање во амбасадата во Берн, 349 во Рим, 190 во Виена. Корисникот на овој е-маил не е познат, но со истиот слоган кој во превод од албански значи „дијаспората гласа“, кадри на владејачката ДУИ по социјалните мрежи повикуваат на масовна излезност на Албанците во дијаспората.
Но, ова не е единствениот интересен пример. Од пријавите на гласачи во Рим, вкупно 38 пати апликантите за контакт ја навеле адресата [email protected]
И покрај нашето инсистирање од ДУИ не добивме коментар.
Иста е-маил адреса за контакт elenovskiskoк@gmail.com е оставена во 720 пријави за гласање во конзулатот во Венеција, а околу 800 пријави за Њујорк ја навеле адресата [email protected].
Како се случило вакво групирање од граѓани што живеат на различни страни на светот?
За Државната изборна комисија нема ништо спорно.
„За Државната изборна комисија самата е-маил адреса не претставува спорен запис во пријавата. Доколку останатите податоци се коректни ДИК согласно законските прописи е должна да постапи по истите пријави, да ги разгледа, да ги прифати доколку се со соодветните документи поднесени или да ги одбие доколку не се. Доколку сите тие граѓани одлучиле дека за нив подобро би било да искористат една е-маил адреса на која ќе пристигнат решенијата, тогаш Државната изборна комисија ги разгледува пријавите само врз основа на податоците и приложените документи.“, вели Љупка Гугучевска, советник во ДИК.
Посочените е-маил адреси не се единствените сомнителни. Можеби уште попроблематични се примерите во кои за контакт со ДИК се наведени официјални е-маил адреси на амбасади и конзулати на Македонија по светот.
Конкретно, 913 граѓанин што се пријавиле за гласање во конзулатот во Мелбурн како адреса ја навеле [email protected]. Во 523 пријави е оставена електронската адреса на македонската амбасада во Канбера, Австралија. Во неколку десетици пријави се наведени е-маил адресите на македонските дипломатско-козуларни претставништва во Берлин, Љубљана, Париз, Берн.
Како е можно по неколку стотици македонски граѓани во странство да навеле за контакт официјални е-маил адреси на македонски конзулати и амбасади во светот? Зошто тоа не го направиле од своите приватни е-маил адреси? Дали е можно некој некој друг да пријавил во нивно име? Од МНР не добивме одговор за тоа дали македонски дипломати ја злоупотребиле својата положба и извршеле групно пријавување.
Изборниот законик и Упатството на ДИК нормираат дека пријавите за гласање кои лично биле поднесени во конзуларните претставништва на Македонија во странство се препраќаат до Министерството за надворешни работи во Скопје. Оттаму, во печатена форма се доставуваат во Државната изборна комисија. Ниту законот, ниту упатството не предвидува директна е-маил комуникација меѓу конзуларните претставништва и ДИК.
За Државната изборна комисија, легалната страна е задоволена.
„Доколку некој граѓанин смета дека подобро за него е решениeто за одлучување по неговата пријава да го добие на е-маил адресата на амбасадата, каде тој ги остварува своите права како државјанин на Република Македонија, или пак нема сопствена е-маил адреса, во тој случај Државната изборна комисија не гледа ништо спорно во целата постапка.“, вели Гугучевска.
Од ДИК сметаат дека никој не може да го оспори гласањето од дијаспората, бидејќи апликациите се прифаќани согласно законските критериуми. А, дали во критериумите е заборавен важен аспект за да се спречи партиско и владино влијание врз гласачите и процесот – тоа е друго прашање.
Синдикатот на македонската дипломатска служба, како и пред изборите во 2014 година, алармира за злоупотреби во дијаспората.
На фејсбук страницата „Македонци во Франција“, иселениците биле поканети да присуствуваат на литургија на која претставници од македонската амбасада се понудиле да го направат пријавувањето за гласање во нивно име.
„Државен службеник од Министерството за култура, кој отишол со партиско руво, имал можност во просториите на амбасадата да се сретнува со членови на дијаспората и да ги убедува да гласаат, притоа за жал останува впечатокот дека тоа го правел по истата линија, дека не, не ни треба Албанец за претставник од дијаспората, туку треба да избереме горд Македонец. Следствено ако може тоа така да се случи, зар не можеме да се посомневаме дека самото избирачко место, а тоа е амбасадата во Париз, нема да биде залоупотребена за некакви партиски цели.“, вели Сашко Тодоровски, претседател на Синдикатот на дипломатската служба.
За Тодоровски, неспорна е партиската позадина во организирањето на дијаспората во пресрет на изборите.
„Политичките партии на властнаправија напор да ги мобилизираат членовите на нашата дијаспора да гласаат на овие избори, меѓутоа и тоа во еден лимитиран делокруг. И посебно беше драстично што во почетокот имаше многу мал број пријавени гласачи за овие избори кои нагло ја преминаа онаа црвена линија која им овозможува на партиите да се избере пратеник од редовите на дијаспората.“, вели Тодоровски.
Дијаспората гласа на 10 декември, еден ден порано од граѓаните во земјава.
Напишете коментар