Славчо Димитров од Коалицијата „Маргини“ е песимист, а Наташа Димова од МЦМС сака да верува дека работите ќе движат во позитивна насока
Песимизам, но и по некоја искра надеж дека новите генерации ќе растат во полотерантно општество искажаа гостите во дебатното издание на „360 степени“ на ТВ Алсат. А, тема беше истражувањето спроведено од невладината МЦМС кое покажа дека мнозинство наши граѓани, 52 осто, не би сакале за сосед да имаат лице со попреченост, физичка или ментална. Само една третина се изјасниле позитивно. Овој сооднос е уште полош за други групи или заедници. На пример, 71 отсто не сакаат за сосед имигрант или странски работник, 77 отсто не сакаат ХИВ-позитивно лице, 52 проценти не сакаат за сосед Ром, а 81 отсто – припадник на ЛГБТИ-заедницата.
Според Славчо Димитров, истражувач во Коалицијата „Маргини“, ситуацијата ќе станува уште полоша и тоа главно поради неколку фактори: кризата за време на ковид-пандемијатa, актуелната енергетска криза, која е социјална криза, глобалната слика со војната во Украина и појавата на силни интернационални, но и локално застапени конзервативни групи.
Тој смета дека либералите ја губат битката оти се водат по формално-процедуралниот, легалистички јазик, без суштински да влезат во политичкото поле и да постават линии на антагонизам и да градат нови, јаснопоставени идеолошки позиции.
„Ние ги поминавме протестите после Шарената револуција, меѓутоа, од тој хегемониски блок што се креираше, ние не видовме спроведување на сериозна, јасна политичка позиција. А, во овој момент, во кој луѓето се изложени на постојана несигурност, страв и ранливост, држењето на ваквите фантазматски и навидум цврсти позиции, вкоренување во ‘јас сум маж, јас сум Македонец’, при што постојано ќе браните една позиција што е измислена и конструирана, ќе води само кон многу полоши ситуации. И мислам дека сега е моментот за оние што имаат минимум прогресивна и еманципаторска политичка свест, да застанат јасно на своите позиции, да застанат медиумите и сите мои коактивисти, кои ќе треба да се соочуваат со овие прашања, од кои најафектирни ќе бидат жените, мигрантите и ЛГБТИ-лицата“,
вели Димитров и додава дека десничарските партии се враќаат на власт низ Европа.
Наташа Димова од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) сака да верува дека работите, сепак, ќе се движат кон подобро.
„Иако треба време, се надевам дека идните генерации, моето дете и слично, сепак, ќе растат во едно посекуларно општество и ќе ги негуваат тие посекуларни вредности. Барем тоа што јас ќе го направам за моето дете, знам дека ќе биде во таа насока. Се надевам дека ќе имаме поголема поддршка од сите активисти и граѓани и ќе се избориме да стигнеме до подобро општество за сите“,
вели таа.
Инаку, истражувањето на МЦМС „Толеранција и вредности на граѓаните“ откри дека големо мнозинство од испитаниците не сакаат соседи кои се зависници од дрога (91%), зависници од алкохол (88,6%), луѓе со криминално досие (82,2%), хомосексуалци (81%), лица заболени од ХИВ (77,2%), и имигранти (71,2%). Мнозинство од граѓаните не сакаат да живеат покрај лица припадници на субгрупи (56,3%), лица со хендикеп (52%) и Роми (52,1%).