Звегор, најголемото делчевско село. На само пет минути од градот и исто толку блиску и до границата со Бугарија. Големите куќи во Звегор асоцираат на тоа дека домаќините овде ја планирале иднината, но животот и плановите не се секогаш на истата страна.
„Дојде време човек кога ќе излезе да нема со кого да се напие едно пиво во продавницата, да размени неколку збора, бидејќи селото се испразни“, објаснува жител на Звегор.
Ова е домот на Ванчо Новоселски. Деновите ги поминува во дружба со неговите миленичиња и во одржување на градината.
„Моите соседи мал број се тука, поголем дел ги нема. Оваа куќа делумно иселена, младите се во Германија, оваа куќа е празна, таму куќата се иселени во Словенија, до нејзе куќата делумно во Швајцарија иселени. Значи секој негде веќе полека-полека, но сигурно се иселува од селото.“ , вели тој.
Од професор по историја и просветен инспектор, Ванчо останува без работа. Тогаш почнува да се празни и неговиот дом. Двата сина му заминуваат во странство. Едниот, се надева привремено додека е на студии во Бугарија, но другиот најверојатно засекогаш со новото семејство во Швајцарија.
„Снаоѓањето на овие млади луѓе е на тој начин, да земаш бугарски пасош и да заминат од сопствената држава. На истиот начин замина и мојот син, откако висок функционер на власта мене лично ми кажа дека додека е оваа власт за мене и за мојата фамилија вработување веќе нема.“, раскажува тој.
Тогаш Ванчо посегнал по истото решение за да му го овозможи школувањето на помалиот син. Сезонски работи во Италија и во Швајцарија.
„Извадив бугарски пасош и на тој начин заминав за Италија во 2015 година. Така и денеска само со бугарски пасош те примаат и во Швајцарија и во Италија и во другите дестинации каде нашите се иселуваат. До бугарски пасош стигнав преку Делчо Гошев.“, вели Ванчо.
Делчо Гошев, во Делчево познат како „Делчо Транс“ е човекот кој за многумина е првата станица на патот до Европа.
„Помагам на луѓето кои сакаат да земат бугарско државјанство. Шеснаесет години го работам тоа. Ја вклучив целата фамилија, моите деца, мојата жена, сите помагаме околу добивањето. Им објаснуваме на луѓето, ги водиме и им кажуваме кои документи да ги подготват, им кажуваме колку се трошоците и во награда за целата работа им наплаќаме само за услугата, за помагањето и за возењето. До пред седум-осум години бараа исклучиво младите, но сега има луѓе кои на педесет, на педесет и пет па дури и на шеесет години. Има луѓе кои децата им заминале, внуците им останале во Италија, по Германија и сега што ќе бараат да останат тука? Значи, земаат и повозрасните и тие бегаат. И поврат дали ќе има некогаш еден Бог знае.“, објаснува Делчо.
Ова зимско утро група луѓе организирано ја напуштаат Македонија. Го прават својот прв чекор кон иселувањето, аплицираат за бугарски пасош. Заедно со нив, тргнуваме од Делчево за Софија.
Денот за Делчо и за неговото семејство почнува уште од рани зори. Тој и неговиот син уште пред да се раздени ги имаат првите патници за Бугарија.
Според проценките на Делчо, во последните петнаесет години патот до бугарско државјанство го поминале најмалку деведесет илјади граѓани, но убеден е дека бројката е поголема.
„Ја искористивме привилегијата што Бугарија може да работат и да се движат по Европа слободно, така дел од нашата држава луѓето најдоа спас. Што мислите, ако беа сите тие млади, тие деведесет илјади жители, а не се деведесет илјади. Толку имаат бугарско државјанство, но си ги повлекле жените кои имаат македонско државјанство, но ги повлекле и ги регистрираат и имаат право да престојуваат и ги повлекле децата.“, вели Делчо.
По два часа пат, пристигнавме во главниот град на Бугарија. Веднаш позади Палатата на претседателот на Бугарија, се наоѓа и Државната агенција на бугарите во странство. Таму секој кандидат за државјанство најнапред треба да приложи доказ дека тој или неговите предци имаат бугарско потекло. Оние кои ќе докажат дека се бугари, ќе бидат повикани на интервју во Министерството за правда. А таму, не пречека оваа слика.
На ова место, поточно од мојата десна страна се наоѓа Министерството за правосудство на Република Бугарија. Тука секојдневно редици граѓани чекаат да аплицираат со молби за што поскоро да добијат бугарско државјанство. Некои од нив чекаат дури до една година за интервју.
Поради големиот број на кандидати, интервјуата постојано се пролонгираат. Државјанство се добива дури по две години, но и подолго.
Оние кои се во неизвесност кога точно ќе добијат државјанство не се расположени да зборуваат.
Но, Венцо Стоименовски од Делчево, чија процедура е завршена е расположен за разговор.
„Јас мојата иднина веќе сум ја нашол надвор од мојата татковина, како и сите тука што чекаат и бараат пат во странство некаде, кој каде има среќа.“, вели Венцо.
Можеби ќе треба и војска младите да служат?
„Ако треба и војска ќе идеме, ќе служиме.“, вели тој.
Кој ќе остане во Македонија?
„Ќе си доаѓаме ние на одмор… немам коментар, тоа нека се свестат нашите власти во Македонија.“, дециден беше Венцо.
Освен Македонци, за бугарски пасоши аплицираат и соседите од Србија. Таква група донела и Виолета, бугарка омажена во Србија. Вели дека не работи како посредник, туку им помага на пријатели.
„Потребни се многу документи, многу докази. Има луѓе кои лесно можат да докажат дека имаат бугарско потекло затоа што поседуваат таков документ, но има и такви кои сеобидуваат да се повикаат на бугарското потекло на нивните прабаби или прадедовци и тоа треба да стаса до тој што бара државјанство. Освен тоа потребно е уверение од судот, од полицијата, лекарско уверение и некаде се собираат околу десет документи кои треба да бидат преведени, легализирани, некои и заверени на нотар, од кои едните одат во Агенцијата а другите тука во Министерството, значи околу 350 евра, во зависност од бројот на документи.“, вели Виолета Вацева.
А на Бугарите, воопшто не им пречи што им доаѓаат Македонци.
„Добро дојдени сте, ние сме една земја, еден народ, што поубаво од тоа.“
„Ако Македонија влезе во Европската Унија, никој нема да дојде тука да бара бугарски пасош.“, велат граѓаните кои ги анкетиравме во Софија.
Нашите соговорници таму беа согласни – исти сме во маката за вработување. И тие иднината си ја гледаат далеку од дома.
„Мислам дека во странство ќе успеам полесно да си најдам работа и да си го средам животот.“
„Не е лесно. Многу млади заминуваат во странство, сакаат таму да се реализираат.“, велат младите жители на Софија.
Според неколку истражувања младите од Македонија, Бугарија ја искористуваат само за влез во ЕУ, но има и такви кои веруваат дека нивните корени се бугарски.
„Зборовите Македонец и Бугарин според мене не се исклучуваат и не се во конфликт. Да, ја сум Македонец, македонски државјанин, но моите предци се етнички Бугари.“ вели Петар Колев.
Вие како се чувствувате?
„Јас сум македонски Бугарин.“, додава тој.
Петар често патува на релација Скопје – Софија. Тука, во Скопје го води Здружението за македонско – бугарско пријателство. Во Бугарија пак, вели дека си има други бизниси.
„Кога размислувам за проектот Скопје 2014, мислам дека во оваа така шарена палитра од споменици му недостасува еден убав споменик од благодарност кон Бугарија, токму кога разговараме за тие државјанства, затоа замислите ако тие луѓе немаа бугарско државјанство и беа овде во Република Македонија, каков социјален немир ќе имаше.“, рече тој.
Истражувањата за причините за емиграција покажуваат дека луѓето не заминуваат само поради можноста за напредок во кариерата. Професорот Ѓорѓи Тоновски вели дека луѓето од Македонија си одат и во обид за сурова егзистенција.
„Доколку продолжи овој тренд, истражувањата покажуваат дека ние ќе се најдеме во позиција оваа земја да биде прогласена за територија, а не држава. Заминуваат со мислата дека нив некој ги избрка од родната земја, дека тие и се непотребни на Македонија, бидејќи ако ги сакаше Македонија, ќе ги задржеше овде, со напомена дека во Македонија, во овој момент, поважна е партиската книшка од какви било вештини, знаења, умеења, професии.“, рече Тоновски.
Според него, доколку ваквата состојба итно не се лекува, оваа генерација ќе остане нем сведок на егзодусот во Македонија. А, додека се чека лекот, оние кои останале се надеваат дека еден ден, сепак нивните ќе се вратат во татковината.
„Ќе се борам до крај младите да се стопираат, како мојот син, синовите на соседите, да почне да се живее еден пристоен животво Македонија, да се живее еден нормален живот во Македонија и дај боже да се вратат и младите да си живееме заедно овдека, во Македонија.“ вели Ванчо од Звегор, кого го оставивме потполно сам на главната улица во селото.