Српски доктори, обединети околу неформалната група „Обединети против ковид“ бараат од владата да го смени Кризниот штаб за борба против коронавирусот и да биде спроведена независна истрага за прикривање на епидемиолошките податоци за состојбата со земјата.
Околу 350 лекари во отворено писмо до владата, целосно се оградуваат од Кризниот штаб и бараат негова смена бидејќи според нивната оценка „Србија се наоѓа во јавноздравствена катастрофа“.
Тоа би требало, според нив да биде првиот чекор, бидејќи актуелниот Кризен штаб не го положил испитот на стручност и морал.
Исто така, тие бараат и да му се стави крај на заплашувањето и политизацијата кои го уриваат личното достоинство на здравствените работници.
Потписниците на ова отворено писмо до државниот врв на Србија нагласуваат дека нивна професионална обврска е да укажат на сериозноста на реалната состојба за разлика од онаа која се фингира со невистинитите официјални податоци и информации.
„Нашата цел е да се врати довербата во лекарите“, велат тие и бараат да се спроведе независна истрага за да се утврди дали податоците за бројот на заболени и жртви на вирусот намерно биле криени, а одговорните кои свесно учествувале во таков чин, да понесат не само професионална, туку и кривична одговорност.
„Ги повикуваме нашите колеги да ни се приклучат. Тоа е единствениот начин да го победиме стравот кој владее и сите заедно да му се спротиставиме. Само обединети ќе сеи помогнеме себеси, но и на сите граѓани во оваа борба. Борбата против ковид-19 е заедничка борба“,
се вели во писмото на групата лекари „Обединети против ковид“.