14-годишно девојче од струшкото село Лабуништа утрово починало на пат кон Ургентниот центар во Скопје.
Девојчето било во тешка здравствена состојба и со температура. Според СВР Струга, во таква состојба утрово во 6.30 часот тоа било донесено во струшката болница, од нејзиниот татко. Земен е брис за испитување на коронавирус.
„Беше со слабо дишење и повраќање, претходно и температура. Известен е и епидемиологот, кој разговараше, јас инсистирав да се земе брис“,
вели директорот на болницата во Струга, Мухамед Асани.
По барање на јавен обвинител ќе биде извршена обдукција.
Лабуништа е едно од местата каде има голем број починати од ковид-19. Статистиката кон крајот на април покажа дека секоја петта жртва тогаш е од Лабуништа, што е исклучително висока стапка на смртност за место со околу девет илјади жители.

Екипа на „360 степени“, на почетокот на април го посети местото. Тогаш еден од жителите пред нашата камера изјави: „Што ќе ти е здравје ако немаш што да јадеш и да пиеш“.
На следниот линк погледнете ја репортажата од Лабуништа пред околу еден месец.
(ВИДЕО) Во струшко Лабуништа раздвижено и по 5 починати и 20-ина заразени од коронавирусот
