Прекинот на огнот генерално бил почитуван, а жителите имале можност да набават намирници или да се евакуираат од главниот град кој веќе два месеци е центар на судирот меѓу армијата и паравоените сили

Борбите во главниот град на Судан, Картум, утрово продолжија набргу по 24-часовниот прекин на огнот, кој беше договорен помеѓу завојуваните страни.
Жители на Картум се разбудија со звуците на тешка артилерија десетина минути откако во 6 часот наутро заврши примирјето, велат очевидци за „Франс прес“.
Гранатирање со тешка артилерија имало во Картум, но и во Омдурман, предградие на главниот град.
Договорот за прекин на огнот претходните 24 часа, пак, генерално бил почитуван и жителите имале можност да набават намирници или да се евакуираат од главниот град.
Картум веќе два месеци е центар на вооружениот судир кој доведе до тешка хуманитарна криза. Судирот започна на 15 април меѓу суданската армија, на чие чело е генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, и паравоените сили за брза поддршка (РСФ), предводени од генералот Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемедти.
Станува збор за вооружен судир меѓу двајцата генерали кои претходно ги здружија силите за да го соборат од власт диктаторот Омар Хасан ал-Башир во 2019 година.
Силите за брза поддршка и суданската војска се натпреваруваат за моќ додека политичките фракции преговараат за формирање преодна влада по воениот удар во 2021 година.
Во судирот кој започна во април, според специјализираната организација за собирање информации во воени зони АЦЛЕД, загинаа 1 800 лица, а Обединетите нации проценуваат дека досега има околу два милиони раселени луѓе.