Рано утрово по локално време Иран започна балистички ракетен напад врз две ирачки бази во кои се сместени американските трупи, при што повеќе од десетина ракети ги погодиле воздушната база „Ал Асад“ и базата во Ербил.
Иранската државна телевизија јави дека операцијата носи назив „Маченикот Сулејмани“ и е одмазда да убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани, кој во петокот со дрон беше ликвидиран од американските трупи во Багдад.
Нападите се извршени со проектили земја-земја и станува збор за повеќе од 12 проектили, соопшти Пентагон.
Според информациите од американските медиуми кои во отворени програми во живо ја следат ситуацијата во минута, досега не се јавува за жртви. Американски воени извори соопштија дека трупите биле навремено предупредени за да стигнат до засолништата пред нападите.
Нападите се реакција од Иран на убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани во Багдад од страна на американските сили, напад кој Иран го нарече „акт на војна“ и „државен тероризам“ и вети одговор.
По нападите, иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф рано утрово објави дека Иран не бара ескалација или војна.

„Иран презеде сразмерни мерки за самоодбрана, според член 51 од Повелбата на ООН, според кој беше извршен кукавички вооружен напад врз нашите граѓани и високи функционери“, напиша тој на Твитер.
Американскиот претседател Доналд Трамп не даде официјална изјава, туку исто така на Твитер напиша: „Сè е добро!“ и најави обраќање утринава по американско време.
„Сè е добро. Лансирани се Ракети од Иран на две воени бази лоцирани во Ирак. Во моментов се прават проценките на жртви и штети. Засаега, сè е добро! Имаме најмоќна и добро опремена војска насекаде во светот! Изјава ќе дадам утре наутро“, напиша Трамп.

Сите летовите се пренасочени од иранскиот и ирачкиот воздушен простор, а земјите што имаат трупи во Ирак во рамки на борбата против ИСИС, како Канада, Велика Британија и Јапонија соопштија дека внимателно ја следат ситуацијата.
Официјален претставник на САД: Војската претходно предупредуваше на ракетен напад
Еден американски воен претставник изјави за Си-ен-ен дека војската имала доволно време за предупредување дека следува напад со балистички ракети на воздушните бази во Ирак.
Ирачките безбедносните претставници за Си-ен-ен изјавија дека нема жртви меѓу ирачките безбедносни сили.

Првичната проценка е дека иранските ракети ги погодиле областите на базата „Ал Асад“ каде што нема Американци.
Најмалку две балистички ракети погодиле две одделни области во Ербил.
Една ракета паднала во периметарот на меѓународниот аеродром кај Ербил, без да експлодира, а втората на околу 33 километри западно од градот Ербил, без да предизвика жртви.
Сепак, официјални лица изјавуваат дека ќе почекаат за да добијат целосна проценка на резултатите од нападите.
Реакции
Началникот на Генералштабот на иранските вооружени сили, генерал мајор Мохамед Бакери, изјави дека доколку САД се одмаздат на нападите, одговорот на Техеран „ќе биде посилен и поинтензивен“, објави државната новинска агенција ИРНА.
Говорејќи за операцијата, генералот Бакери рече дека тоа е само мал дел од можностите на иранските сили.
„Денес е време злобните американски претставници да ја разберат моќта на Исламската Република и да се одлучат за принципиелен метод за да ја натераат својата терористичка армија да го напушти регионот“,
изјави тој.
Иранскиот министер за телекомуникации Мохамед Џавад Азари преку Твитер порача:
„Ѓаволот надвор од нашиот регион!“, напиша тој.
Во видео без датум, споделено од „Фарс њуз“, врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Камнеи, се обраќа пред голем број луѓе велејќи дека САД може да му наштетат на Иран – но тие ќе си наштетат многу повеќе на себеси.
„Јас реков за време на говорот во времето [на претседателството на Обама] дека времето на напади од типот ‘удри – бегај’ заврши. Ако нападнеш, ќе си добиеш назад“,
вели Камнеи во видеото.
Од Америка, пак, стигнуваат реакции и од демократите и од републиканците.
Сенаторката Линдзи Грем, републиканка од Јужна Каролина, за „Фокс њуз“ изјави:
„Ова беше чин на војна, според разумна дефиниција. Претседателот ги има сите овластувања што му се потребни согласно членот II за да одговори и како тој реагира допрва треба да се утврди, но тој има авторитет да одговори“,
рече Грем.
Нејзина проценка е дека Трамп сега би можел да се одлучи за напади врз воени или нафтени цели.
Таа додаде дека постојано е на телефонска линија со Трамп, при што упати порака и до иранските власти: „Вашата судбина е во ваши раце во однос на економската одржливост на режимот. Ако продолжите со овие глупости, еден ден ќе се разбудите надвор од нафтениот бизнис“, рече Грем.
Од демократскиот табор реагираа претседателските кандидати. Џо Бајден на Твитер напиша: „Ќе се воздржам да ги коментирам вестите вечерва додека не знаеме повеќе, но има едно нешто што ќе кажам: Нашите трупи и Американците во странство се во нашите молитви. Се надеваме дека и вие ќе го сторите тоа“, напиша Бајден.
Поранешниот градоначалник на Саут Бенд, Индијана, Пит Бутигиг, објави: „Вечерва Американците во Ирак се нападнати. Се молам за нив, нивните најблиски и нивните семејства“.
Сенаторката од Масачусетс, Елизабет Ворен, го повтори истото додавајќи дека ова е потсетник зошто треба да се деескалираат тензиите на Блискиот Исток. „Американскиот народ не сака војна со Иран“, рече таа.
Кои се двете нападнати воздушни бази
Воздушната база „Ал Асад“ е една од најголемите и најстари воени бази во Ирак. Сместена е во провинцијата Анбар, жариште на активностите на ИСИС во западен Ирак меѓу 2014 и 2017 година.

Во декември 2018 година, американскиот претседател Доналд Трамп ги посети војниците во „Ал Асад“.
„Влеговме, бевме – се чувствувавме многу безбедно кога влегувавме. Беше прилично тешко патување на одредени начини, но се чувствувавме многу, многу добро, многу безбедно“, рекол Трамп, според транскриптот на Белата куќа.
Потпретседателот Мајк Пенс ја посети „Ал Асад“ една година подоцна за да го прослави Денот на благодарноста со приближно 150 американски војници.
Базата Ербил се наоѓа во полуавтономниот курдски регион во Ирак. САД соработуваа тесно со курдските борци во кампањата против ИСИС.
Според последните информации, американските трупи започнале со активни патроли надвор од нивните бази.
Беспилотни летала и борбени хеликоптери ги надлетуваат базите во кои се сместени американските трупи, изјави неименуван официјален претставник за американските медиуми утрово.
САД не му даваат виза на Зариф да присуствува на СБ на ООН
САД нема да му дадат виза на иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џaвад Зариф, кој планираше во ОН со функционери од светот да разговара за убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани.
САД ја образложија својата одлука со недостиг на време за обработка на барањето за виза за Зариф.
Зариф, како одговор на одлуката на Вашингтон, ги обвини САД за кршење на договорот што го имаат со Обединетите нации.