„Зошто да не дадеме сите поддршка за да најдеме решение. Еве јас, пред да го разговарам со моите колеги, не излегував да кажам што било, разговарав со моите колеги од Европа, постојат европски пракси, јас сакам да сум дел од решението, а не дел од проблемот“, вели лидерката на ЛДП во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

360°: Според тоа што се слуша во политичките кулоари, намерата не е само да се дистанцирате од СДСМ, туку и да се доближите до ВМРО-ДПМНЕ?
Зајкова: Е сега, јас не знам што се случува во политичките кулоари, но јас во моментот сум насочена на давање предлози кои се исклучиво од бенефит на граѓаните.
360°: Еве неколку аргументи во насока на таа теза. Вие гласавте за дел од законите предложени од власта во Собранието. Дадовте неколку изјави коишто заликуваат на промена на некои ваши позиции и доближување до ВМРО-ДПМНЕ. На пример, изјавата за тоа дека уставни измени со одложено дејство може да бидат излез од ќор-сокакот во пристапниот процес кон Европска Унија или дека мора да се најде механизам за отповикување на градоначалниците – вие велите тоа треба да се прави на референдум. Па, еве пак ќе ве прашам – дали таму каде што има чад има и оган?
Зајкова: Ајде јас да ве прашам, дали ЛДП беше лани првата партија што предложи измени на Законот за локална самоуправа и бараше можност, мотивирани од лошото менаџирање на одредени градоначалници вклучително и на Скопје, каде што јас и вие живееме, да се врати одредбата што постоела до 2002 година? Дали тогаш прашањето го поддржа и нашиот сè уште актуелен партнер и тогашната опозиција, остана прашањето премолчано. Сега е за поздравување што прв излезе претседателот на ЗЕЛС, но и министерот за локална самоупрва, да каже дека има можности нашата иницијатива или нашиот предлог да стане реалност со подготовката на новиот закон за локална самоуправа. Во делот на тоа што гласала Моника Зајкова, еве Моника Зајкова гласала, а поддршка дале и пратениците со коишто седиме заедно во истиот ред, на законот со кој се укинуваат економските директори во клиниките. Тоа е и определба на ЛДП и заложба на ЛДП ставена во програма и нормало е дека ќе дадам поддршка, затоа што сметам дека е добра мерка за граѓаните и, впрочем, јавна тајна беше дека тие економски директори не се добри во делот на здравството.
360°: Зошто мислите дека уставни измени со оддожено дејство може да бидат решение?
Зајкова: За уставни измени со одложено дејство – ЛДП е партија што секогаш барала решение за граѓаните и за излез од одредени кризи. Да повторам дека ако ЛДП не се вклучеше активно во поддршка на сè она што значеше борба за индивидуална слобода, можеби сè уште ќе живевме во авторитарен режим.
360°: Мислите на ситуацијата до 2016 г.?
Зајкова: Така, мислам на таа ситуација, од 2013 г. навака кога нашиот кандидат Андреј Жерновски, тогашен претседател на ЛДП, пркосеше на сите иако беше под одредени закани.
360°: Со голема поддршка на гласачите од Центар…
Зајкова: Па, видете сега, Андреј Жерновски во тој период беше единствен што во опозицискиот табор имаше огромна поддршка и доби општина.
360°: Околу уставните измени?
Зајкова: Околу уставните измени да се навратам. Значи, ние сме партија што бара решение, имавме конгрес на либералите од Европа и отворено разговаравме дали може да добиеме поддршка за такви опции. Насочени од она што се случувало во Британија и од тамошните колеги со протоколот од Виндзор во однос на договорот за Брегзит, гледајќи ги заклучоците на Советот на ЕУ, дојдовме до заклучок дека можеби по пат на широко толкување, бидејќи во заклучоците никде не стои дека тие уставни измени треба веднаш да влезат во сила, државата да лобира за одложено дејство. Мора да ги направиме, нашиот став е дека уставните измени може да ги направиме веднаш, утре и во уставниот закон да ставиме одредба за одложена дејство. Понатаму тука треба да се лобира таква одредба да биде прифатена, односно измените да влезат во сила откако ќе се ратификува пристапниот договор во сите земји членки.
360°: Тоа е ставот на ВМРО-ДПМНЕ.
Зајкова: Па добро, зошто да не дадеме сите поддршка за да најдеме решение. Еве јас, пред да го разговарам со моите колеги, не излегував да кажам што било, разговарав со моите колеги од Европа, постојат европски пракси, јас сакам да сум дел од решението, а не дел од проблемот.

360°: Што е со Бугарија, знаете дека не се проблем партиите од АЛДЕ-групата, проблем е дали Бугарија ќе се согласи со тоа?
Зајкова: Па добро, еве и нашата групација, односно партијата којашто припаѓа во АЛДЕ-групата, ние стоиме на располагање да разговараме со нив, ние всушност и сме правеле бројни настани, нашиот меѓународен секретар од ЛДП викендов беше на конференција во Пловдив со цел да се најде начин час поскоро да се излезе од европскиот ќор-сокак. Јас како човек роден во 1991 година пораснав со прашањето за Европска Унија и мислам дека и граѓаните веќе се презаситени и дека навистина треба да најдеме механизам како тоа да го направиме.
360°: Поаѓајќи од вашата либерална идеологија, нели треба да очекуваме ЛДП да биде авангарда, вие да го водите процесот и да ја убедувате јавноста дека нема ништо страшно во тоа што Бугарите ќе влезат во Преамбулата на Уставот?
Зајкова: Па добро, ние го водевеме процесот во насока да кажеме дека целото прашање не треба да се сведе на односот со Бугарија, туку да се сведе на тоа што Македонија ќе добие од почувањето на тие преговори, отворање на структурни фондови, можности за реформи и дека заради тоа треба час поскоро да го одблокира ова прашање, да ја заврши процедурата домашна која се однесува на промени на Уставот и да почне да спроведува реформи. Точно е дека либералите се авангарда. Еве во Хрватска, ако се сеќавате, на Весна Пусиќ, иако беше во опозицијата и помала партија, ѝ беше дадена можност да го води Националниот совет за евроинтеграции, да биде еден баланс помеѓу владата и опозицијата, подоцна да стане и министер што ќе го води тој баланс и да успее да ја внесе Хрватска во Европската Унија. Ние таа шанса тука ја немаме, за жал.
