Техничкиот министер за економија Кирил Петков се откажа од учество во владата предложена од Има таков народ. Истото го сторија и актуелните министри за финансии Асен Василев и за образование Николај Денков, иако лидерот на ИТН Слави Трифонов сметаше на нив како идни членови на владата на неговиот избраник Николај Василев.
Тој и самиот во својата изјава посочи дека ги поканил да продолжат и да бидат дел и од новата политичка влада предводена од ИТН, но дека тие го одбиле.
Тројцата министри од техничката влада на Јанев уживаат големи симпатии во бугарската јавност. Пред една недела дури имаше и петиција со барање, без оглед кој и да победи на изборите, Кирил Петков да остане министер.
Во својата заедничка изјава Петков, Василев и Денков денеска посочија дека „меѓу ИТН и нив има суштински разлики, со оглед дека стратегијата за развој на економијата и на образованието е директно поврзана со визијата за приоритетите во финансиската политика. Разговорите ги водевме на нивна покана. На самиот почеток се виде дека имаме суштински различни гледишта за основните задачи во следниот период. Освен тоа, на Асен Василев му понудија друг ресор. Ете затоа ние тројцата решивме дека е подобро во идната влада да работи тим кој ќе ја споделува визијата на премиерот. ИТН, ви благодариме и ви посакуваме успех“.

Петков за БТВ изјави дека освен визијата за иднината, проблем претставувал и фактот дека актуелниот министер за финансии не би го добил истиот ресор, туку му било понудено да биде или министер за заштита на животната средина или министер без портфељ.