Протестот за зголемување на минималната плата на 600 евра ќе се одржи в среда од 17 часот во Скопје
„Одлуката да се излезе во 17 часот е затоа што во тој период од денот, според тоа што ние го имаме како информација, 70 до 80 проценти од работниците ги имаат завршено работните обврски“, вели претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) најави протест во Скопје в среда од 17 часот. Главното барање е зголемување на минималната плата од сегашните 397 евра на 600 евра, како и на сите други плати за сто евра. Па, во „360 степени“ на МРТ 1 го прашавме претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов – зошто среда и зошто 17 часот?
Трендафилов: ССМ изминативе осум години протестирал и во недела како неработен ден, протестирал и на празници, протестирал во работно време, и скоро секогаш некој имал некаков изговор – каде најдовте да протестирате баш во неработен ден кога имаме слободно време за семејствата, каде најдовте да протестирате за време на празник кога тоа ни е нешто што го уживаме согласно закон и каде најдовте да протестирате во работно време, не може секој од работниците да излезе и да ве поддржи, а сите сакаат да го сторат тоа. Одлуката да се излезе во 17 часот е затоа што во тој период од денот, според тоа што ние го имаме како информација, 70 до 80 проценти од работниците ги имаат завршено работните обврски, зборувам за оние што работат прва смена или, пак, само една смена во текот на денот, и да дадеме можност на најголем број работници да ни се придружат во работничката борба, затоа што доколку ја водите сам, спротивната страна смета дека само вам ви е потребно зголемување на платата.
360°: Тоа што е во 17 часот дали значи дека сметате, пред сè, на работници од Скопје или очекувате присуство и од внатрешноста?
Трендафилов: Најавено е присуство од целата територија на Македонија. За првпат, морам да бидам искрен, работниците се охрабрени и прашуваат само каде може да се паркираат и кога да дојдат. Не бараат ништо повеќе од тоа во контекст на организацијата, затоа што веројатно сите се доволно навредени и со навистина мизерни плати со кои не може да го поминат ниту месецот.

Трендафилов вели дека протестот, симболично, ќе почне од Работничкиот дом затоа што тоа е местото од каде работниците ги искажуваат своите барања.
„Продолжуваме пред Собранието, онаму каде што пратениците цела година се глуви, односно се прават и слепи на предлогот на Сојузот на синдикатите на Македонија за зголемување на минималната плата, а преку зголемувањето на минималната плата и усогласување, односно зголемување на сите останати плати. Видовме дека тие се грижат само за себе – 78, сега 79 проценти зголемени нивните плати, сега од месец февруари повторно уште 10 проценти, онолку колку што ќе порасне просечната плата, ако имаме предвид дека сите молчат, не го менуваат законот за избрани и именувани по кој им се пресметува платата. Тоа е веќе 90 проценти зголемени функционерски плати. Продолжуваме пред работодавачите, пред Стопанската комора и Организацијата на работодавачи, токму пред оние кои ни ги иселија семејствата во изминатите 36 години. На голем број работодавци не само што им ги избркаа квалификуваните работници од Македонија, туку ги натераа сите семејства на тие работници да заминат заедно со нив затоа што не гледаат апсолутно никаква перспектива, а обожаваат да зборуваат дека продуктивноста не била доволна, а тие патем трупаат капитал, си овозможуваат разноразни услови за добар живот наспроти работниците. И триаголникот завршува пред Владата, токму пред онаа влада, односно објектот на владата, каде што работниците беа оставени на ветрометина веќе година и половина да се снаоѓаат кој како знае и умее, затоа што Владата, можеби за првпат во историјата на Македонија, како да ги избрка сите од работниците. Тоа што го прави владата во моментот е се иззема од социјалниот дијалог кој е трипартитен, остава да биде бипартитен иако таа е најголемиот работодавач. И Владата која, како што видовме по медиумите, води најсиромашен народ во Европа и најсиромашна држава во Европа, ако не ги срами да го прават тоа на штета на работниците, тогаш ние сме тука да им укажеме. И многу пати сме кажале, ако не сакаат да нè слушаат на маса, а тоа се обидувавме цела 2023 година да го направиме преку анализи, преку преговори, преку укажувања, ќе мора да нè слушаат од улица“,
вели Трендафилов.
