Вирусот е наречен така затоа што бил откриен во експеримент меѓу мајмуните во данска лабораторија во 1958 година, но луѓето главно биле заразени со него од глодари
Болеста мајмунски сипаници наскоро би можела да добие ново име, бидејќи поттикнува дискриминација и жигосува.
Светската здравствена организација (СЗО) минатата недела објави дека работи со „партнери и експерти ширум светот на промена на името на вирусот мајмунски сипаници и неговите соеви“. Според објаснувањето, нивната контроверзност е поради тоа соевите се именувани по африканските региони.
Минатата година, СЗО одлучи сите варијанти на ковид да ги именува по буквите од грчката азбука, за да не ги стигматизира местата каде што првпат се појавиле.
Само неколку дена пред СЗО да објави дека ќе го смени името на мајмуните сипаници, група научници во јавно писмо повикаа на „итна потреба да се воведе недискриминаторска и нестигматизирачка номенклатура“ на вирусот.
Во писмото, потпишано и од неколку африкански научници, конкретно се предупредува на „западноафриканските“ и „централноафриканските“ соеви на вирусот.
Годинава се регистрирани повеќе од 2 100 инфекции со мајмунски сипаници, од кои 84 отсто се во Европа, 12 отсто во Северна и Јужна Америка и само три отсто во Африка.
Тоа не е болест на мајмуни
Ојевале Томори, виролог од Универзитетот Редемер во Нигерија, кој поддржува промена на името на видот мајмунски сипаници, вели дека и придавката „мајмунски“ во името е погрешна, додавајќи дека тоа всушност не е болест на мајмуните.
Вирусот е наречен така затоа што бил откриен меѓу мајмуните во данска лабораторија во 1958 година, но луѓето главно биле заразени со него од глодари.
„Постоечката епидемија е невообичаена во смисла дека се шири исклучиво преку контакт човек на човек“,
вели Оливие Рестиф, епидемиолог од Кембриџ.
„И затоа е фер да се каже дека постоечката епидемија има малку врска со Африка, исто како што брановите на ковид и неговите варијанти имаат мала врска со азиските лилјаци, од каде што првично потекнуваше“,
додаде тој.
Стигматизација на Африка
Името се вирусот се поврзува со стигматизација. Мозес Џон Бокари од Универзитетот Нјала во Сиера Леоне, објаснува дека мајмуните најчесто се поврзуваат со Африка, а исто така и историјата на споредување на црнците со мајмуните е долга и темна и дека ниту едно име на болести не треба да биде поттик за тоа.
Епидемиологот Рестиф нагласува дека оваа дебата е „дел од поширокото прашање за стигматизирање на Африка како извор на болести“.
„Го видовме тоа со ХИВ во 1980-тите и за време на епидемијата на ебола во 2013 година“,
изјави тој за АФП.
Првиот човек на Светската здравствена организација Тедрос, Аданом Гебрејесус најави дека тие што е можно поскоро ќе објават нови имиња за мајмуните сипаници.
СЗО одлучи дека болеста, иако е причина за загриженост, сепак не претставува глобална здравствена криза.
„Длабоко сум загрижен за епидемијата на мајмунски сипаници, очигледно е закана што се развива и јас и моите колеги внимателно ја следиме“,
рече Тедрос.