Лидерот на СДСМ тврди дека актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ има силни политички и финансиски врски со Србија и со Унгарија, што, според него, е нотирано и во европски документи и се рефлектира во конкретни политички и економски одлуки во државата

Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, коментирајќи ја новинарската констатација дека во новата ПР-динамика на СДСМ има многу споредби на овдешната власт со Србија и Александар Вучиќ, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, рече дека ваквите оценки не доаѓаат само од опозицијата.
„Има многу елементи коишто укажуваат на поврзаноста на власта на ВМРО-ДПМНЕ со Вучиќ и со власта на Орбан во Унгарија. И тоа не го укажуваме ние, тоа не го укажувам ниту јас, ниту СДСМ. Тоа е споменато во извештајот на Европскиот парламент, во којшто јасно се потенцира присуството и влијанието на, внимавајте, српско-рускиот свет во Македонија“,
изјави Филипче.
Тој додаде дека ваквите констатации се дополнуваат и со конкретни анализи што, како што најави, ќе бидат објавени во наредниот период.
Во тој контекст, тој го посочи влезот на „Алта банка“ на македонскиот пазар, отворајќи серија прашања за потеклото на капиталот и институционалната проверка.
„Влезот на една банка со прилично сомнителен капитал, ’Алта банка’, кога ќе ги гледате написите во Србија, кој стои зад таа банка? Каков капитал е таму внесен? Како може една менувачница да прерасне во толкава банка и толку лесно да влезе кај нас“,
праша Филипче.
Тој додаде дека јавноста ќе биде изненадена од откритијата до кои дошла опозицијата.
Во продолжение, Филипче директно ја поврза актуелната власт со логистичка и финансиска поддршка од Белград и Будимпешта.
„Не е тајна воопшто, кога гледаме како се поставува нашата влада кон владата ексклузивно во Унгарија, дека оваа власт на Христијан Мицкоски тука е дојдена со логистичка и финансиска поддршка од страна на Србија и Унгарија“,
изјави Филипче додавајќи дека Унгарија со години го засолнува поранешниот премиер Никола Груевски.

На забелешката дека проектот „Отворен Балкан“ беше воспоставен со согласност на владата на Зоран Заев и дека во тој период беше дозволен влез на голема српска компанија во еден сегмент од критичната инфраструктура на земјава, Филипче направи разлика меѓу економски бенефити и политичко влијание.
„Ајде да разграничиме што се работите и мерките коишто носат бенефит за нашите граѓани. ‘Отворен Балкан’ – да, камионите се царинат на едно место, да не се застануваат на граница. А што е политичкото влијание тука? Да не се спроведуваат реформските закони и реформската агенда, да има скептицизам кон Европската Унија“,
рече тој.
Филипче дополнително ја критикуваше политиката на власта, особено во контекст на мигрантските прашања и големите инфраструктурни проекти.
„Зошто сме ние со оваа власт практично подизведувачи на политиките на Унгарија и на Србија? Еве, на пример, во однос на пругата, за којашто се планираат заеми во рамка од шест милијарди евра. Каков бенефит ќе имаат нашите граѓани од тој проект“,
праша Филипче.
Осврнувајќи се на улогата на Велика Британија, тој оцени дека зад поддршката за вакви проекти од официјален Лондон стојат други интереси.
„Еве видовме – за да пратат мигранти. Еве се откри тоа. Се виде предавството и продажбата на националните интереси, а и на безбедноста на Македонија“,
рече Венко Филипче, претседател на СДСМ.
