Oгласот е во согласност со систематизацијата за вработувања од 2019 година и не можело да биде објавен со поинакви услови од веќе однапред определените, рекоа за „360 степени“ од Фондот за здравствено осигурување
Вицепремиерот Николовски вели дека условот „ликовна уметност“ е несоодветен за работната позиција и најави промена на постоечката систематизација
Зошто директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Фатон Ахмети, бара советник за административна поддршка со услов завшрено ликовно образование? Прашањето се наметна откако ФЗО објави оглас за јавен службеник пред четири дена, а информацијата од утринава ја споделија повеќе портали.

Во посебните услови за вработување во огласот се наведува степенот на образование и квалификациите кои се бараат од кандидатот.
„Ниво на квалификациите VI А според Македонската рамка на квалификации и најмалку 240 кредити стекнати според ЕКТС или завршен VII/1 степен, Јавна управа и администрација, Ликовна уметност, Oрганизациски науки и управување (менаџмент)“
пишува во огласот, во делот на „Посебни услови“.
Дополнително, според посебните услови за вработување, се бара од кандидатот да има најмалку шест години работно искуство во струката од кои најмалку две години на раководно работно место во јавен сектор. Но, она што е особено впечатливо е каква е поврзаноста на професијата „ликовен уметник“ со работната позиција за која е објавен огласот?

Според објаснувањето кое го добивме од институцијата, огласот е во согласност со систематизацијата за вработувања од 2019 година и не можело да биде објавен со поинакви услови од веќе однапред определените.
„Според изменетиот Правилник за вработувања во институцијата, систематизацијата е од октомври 2019. За ова работно место предвидени се трите професии : Јавна управа и администрација, Ликовна уметност, Oрганизациски науки и управување (менаџмент) и должни сме да го објавиме огласот со оваа систематизација“,
објаснува Ирфан Лимани, директор на секторот за комуникации и административна поддршка во ФЗО.
На прашањето дали огласот е „наменет“ за одреден кандидат и дали веќе е познато чие ќе биде работното место, за што реагираат граѓаните на социјалните мрежи, Лимани негира дека станува збор за „наместен“ оглас. Според него, постапката ја спроведува Агенцијата за администрација која ги селектира кандидатите и потоа најдобро рангираните ги доставува до директорот на Фондот.
По сомнежите за „наместен“ оглас „360 степени“ побара став и од вицепремиерот за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски. Според него, завршило времето кога однапред се знаело кој ќе биде избран на оглас. Тој вели дека секој што ги исполнува условите може да конкурира. Сепак, Николовски оценува дека има нелогичности во огласот на ФЗО и се работи на измени во постоечката систематизација.
„Работната позиција „ликовна уметност“, како еден од поставените услови освен завршени Јавна управа и администрација и Oрганизациски науки и управување (менаџмент), сметам дека дека е целосно несоодветен за работната позиција. Затоа побарав информации и ме известија дека се работи за услов од стара систематизација која во моментов се менува и во новата систематизација тоа нема да биде вклучено. Бидејќи подготовката на новата систематизација е подолг процес, огласот е објавен според старата систематизацја, имајќи ја предвид потребата од кадар за оваа позиција за извршување на тековните активости“
велат за „360 степени“ од кабинетот на Николовски.
Платата за оваа позиција која се бара со огласот на ФЗО ќе изнесува 34.448 денари и напоменато е дека според годишниот план на инстиуцијата за 2020, предвидено е вработување на еден Албанец(ка).