Споделување на словенечките и европските практики, како и потенцирање на важноста од имплементирање и брзо спроведување на Закон за авторското право и сродните права (ЗАПСП) во земјава. Ова беше целта на едукативната меѓународна работилница за авторски и сродни права на тема „Меѓународно искуство и практики“ што се одржа во Скопје.
Работилницата беше организирана од Асоцијацијата за заштита на авторски и сродни права (АЗАС) и од словенечката организација АИПА.

Гости предавачи на работилницата беа Грегор Штиберник – генерален директор на словенечката АИПА и Петер Кеп – правник и оперативен менаџер во АИПА.
Од АЗАС најавија динамичен период со цел воспоставување соработка со други европски и светски организации од оваа област и афирмирање на АЗАС.

„Едногласно беше охрабрено постоењето и функционирањето на АЗАС како колективна организација која е од огромна важност за целиот филмски и аудиовизуелен сектор во нашата држава и се донесоа заклучоци со цел афирмирање на улогата и работата на АЗАС во иднина“,
информира АЗАС.
На работилницата присуствуваа повеќе од 20 носители на права – актери, сценаристи, филмски режисери, директори на фотографија, аниматори, како и филмски продуценти.

„Асоцијацијата за заштита на авторски и сродни права (АЗАС) е единствената македонска организација за колективно управување со авторските и сродните филмски права во согласност со ЗАПСП, која ги вклучува авторите, изведувачите и филмските продуценти под еден покрив. Има дозвола за работа издадена од Министерството за култура, единствена во нашата земја за колектирање на средства од аудиовизуелните дела уште од септември 2018 година. Членка е на најрелевантните светски и европски организации во оваа област и партнер на AGICOA“,
велат од АЗАС.
