Претседателот на владејачкиот СДСМ и премиер на РСМ, Зоран Заев, поднесе оставка и од партиската и од државната функција. Во обраќањето до јавноста од штабот на СДСМ, прво ѝ честита за победата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пред да каже дека тој на себе ја презема одговорноста за поразот на неговата партија.
„Jа преземам одговорноста на себе за ваквиот развој на политичките настани, заклучно со резултатите на овие избори. Поднесувам оставка од премиер и од претседател на СДСМ. Им честитам на сите прогресивни граѓани кои се бореа силно за интегрирана Северна Македонија. Изразувам посебна, огромна почит до сите вас, прогресивен мој народе“,
изјави Зоран Заев.
Веднаш откако ја соопшти оставката, Заев кажа дека сака да „искоментира неколку работи“. Почна со тоа дека е горд што ја внел земјата во НАТО. Потоа, истакна дека лани земјата добила одлука за почеток на преговорите со ЕУ и кажа дека верува дека има шанси да се отпочнат преговорите за неколку месеци. „Си го обединивме нашиот мултиетнички народ“, беше следното во низата нешта за кои Заев кажа дека е горд. Пописот и подобрените односи со сите пет соседи и стратешките партнерства, беа последни на листата од „позитивните“ забелешки.
Потоа, Заев се префрли на дел од причините за поразот, ставајќи се на страната на прогресивните сили во општеството.
„За нас прогресивните, кои веруваме и им се радуваме на овие исторски успеси, за жал дојде политичка казна. Должност ми е да искоментирам дека на овие избори беа видливи многу пари на терен кај опозицијата дојдени доминантно од надвор, а дадени заради политички но и заради економски причини. А дел од големите пари ги добија и од домашни бизнисмени, пред се газди на градежни компании, заради идни лични финансиски интереси и планови. Жалам што сите овие пари се значајна причина за ваквиот резултат на изборите“,
изјави Заев.
Дел од вината за поразот, се чини, Заев ја префрли и на граѓаните кои останале дома.
„Исто така, сакам да споделам разочараност кај мене а верувам и кај огромен број на граѓани, затоа што мнозинството од народот кој гласаше заедно со сите тие што останаа дома, ги избраа истите луѓе и политичари кои пред четири години само во парламентот, пред очите на целата јавност, сакаа и тргнаа да убиваат. Некои од тие насилници се дури и избрани за градоначалници и советници во скопските и другите општини. На овие избори видовме дури и сојузи помеѓу жртви и насилници од 27 април 2017 година. Се здружија жртви на насилството со насилниците од ВМРО-ДПМНЕ, без било каков образ, за власт и пари. Сакав ова да го напоменам со единствена цел да остане забележано во паметењето на нашиот народ. Не е воопшто тешко заминувањето од политиката. Тешка е помислата за реалноста од одлуката на нашиот народ“,
изјави Заев.
Во продолжението на своето обраќање, Заев кажа дека заедно со прогресивното граѓанство „донел слобода и демократија во земјава наша“, а во таква средина треба да има преземање на одговорност. Со преземањето на таа одговорност, истакна Заев, сакал да остави печат и да „се учи народот и да расте во својот демократски капацитет но и во својата граѓанска должност“ да води грижа за својата земја.
На крајот на своето обраќање, Заев се наврати на оставката. Повторо од кои позиции се повлекува и зошто, но сега дообјасни и дека ќе има транзиционен период.
„И во вакви околности, останувам на ставот дека не треба да има вонредни парламентарни избори. Претстојат одлични и неповторливи две и пол години за работа и економски успеси од кои корист ќе има целиот наш народ и државата. Ќе останам периодов додека треба, за да помогнам да се реорганизира нова влада, со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може да биде уште зголемено. Јас лично, како човек, сум дел од СДСМ и прогресивниот народ и останувам во првите борбени редови како член на СДСМ и дел од нашиот прогресивен народ“,
изјави Заев.
На крајот, Заев им посака среќа на сите. Изјави и дека му била огромна чест што можел да служи на народот и што тој му дал поддршка.