Милановиќ рече дека парламентарните избори ќе се одржат во среда на 17 април, а во објава на Фејсбук најави дека засега останува претседател

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на претстојните избори ќе настапи како носител на листата на СДП во првата изборна единица. Ова е најавено на денешната прес-конференција на која заедно со претседателот на СДП, Пеѓа Грбин, Милановиќ ја најави победата и формирањето влада на националниот спас.
„Знам дека имаше многу критики на моја сметка и затоа нема да бидам кандидат на СДП за премиер на овие избори“,
рече Грбин на прес-конференцијата отстапувајќи го микрофонот на Милановиќ, кого го најави како „носител на листата на СДП во првата изборна единица и наскоро претседател на владата на Република Хрватска“.
Милановиќ, во кратка изјава, повика на собир на поединци и партии и најави „создавање влада на националниот спас“ по победата на изборите.
„Во животот на секој од нас има моменти кога треба да излезете од комфорната зона бидејќи нема друг пат. Тоа не е капката што ја прелеа чашата, тоа е канта што ја прелеа септичката јама од сите нечистотии што со години ја задушуваат нашата земја. Сите законски, легитимни, пристојни начини, а можеби и помалку пристојни, и обиди тоа да се запре и спречи, заврши со уште поголема суровост, грубост, самоволие, беззаконие“,
додаде тој.
Дојде време, рече Милановиќ, што би рекле неговите предци во сплитска Загора, „коњите да се оседлаат“, и најави дека ќе го собере парламентарното мнозинство за „влада на национален спас“.
„Ветувам, како и во минатото, решителна и чиста влада. Ќе ги исфрлиме крадците, угнетувачите и нивните помагачи и ќе го спречиме нивното враќање, но овој пат за долго време“,
рече тој.
Милановиќ ги повика, како што рече, сите неизвалкани и чесни политички луѓе и партии да се соберат.
„Разликите меѓу нас постојат и по оваа објава и нема да завршат во моментот на оваа објава. Но, од тие разлики, верувам, има посилна верба и сила во фактот дека можеме да работиме заедно и сакаме да работиме заедно за доброто на земјата која е единствената за која навистина се грижиме“,
рече тој.
Милановиќ како претседател на Републиката најави дека парламентарните избори ќе се одржат во среда на 17 април.
По прес-конференцијата, Зоран Милановиќ преку објава на Фејсбук најави дека засега останува претседател.
„Почитувани граѓани, решив да се кандидирам како независен и непартиски кандидат на листата на СДП на изборите за хрватскиот Сабор што ќе се одржат на 17 април годинава. По изборната победа, за која сум сигурен, ќе се повлечам од функцијата претседател на Републиката и со поддршка на новото мнозинство во хрватскиот Сабор ќе ја преземам одговорноста да ја водам Владата на Република Хрватска. До преземањето на новата функција ќе продолжам да ја извршувам функцијата претседател на Република Хрватска согласно моите уставни обврски и должности“,
напиша Милановиќ.