Оттаму нагласуваат дека во државата има и други институции кои се привремен или постојан дом на животни и луѓе, „но од ниту една од нив не се очекува и бара, ниту, пак, тие ја известуваат јавноста за секое угинато животно или починат човек“
Во 2023 година во скопската Зоолошка градина се родиле 40, а пцовисале 10 животни. Во 2024 година се родиле 33 животни, а пцовисале 15. Вкупниот број на родени животни за овие две години е 73, додека, пак, на пцовисани е 25. Повеќето од пцовисаните животни се единки кои биле во длабока старост, информираат од ЗОО-Скопје и нагласуваат дека со овие официјални бројки сакаат да ги сопрат дезинформациите во јавноста дека се прикривала смртта на над 40 животни.
„Зоолошка градина на град Скопје моментално е дом на 646 животни, од 91 видови, за кои се грижат зоонегуватели кои професионално си ја работат својата работа и имаат грижа и љубов кон сите животни. Се обраќаме до јавноста, со цел и надеж дека одредени поединци ќе престанат со ширење дезинформации и невистини, и со пласирање на информации на начин и со цел да ја вознемират јавноста“,
се наведува во соопштението на ЗОО Скопје испратено до медиумите.
Оттаму нагласуваат дека во државата има и други институции кои се привремен или постојан дом на животни и луѓе, „но од ниту една од нив не се очекува и бара, ниту, пак, тие ја известуваат јавноста за секое угинато животно или починат човек“.
„Јавно ги каниме советниците од Советот на Град Скопје, сите медиуми, институции, здруженија и други групи директно или индиректно засегнати и заинтересирани за работењето на нашата установа, организирано и со најава да ја посетат Зоолошка градина Скопје и сами да се уверат во начинот на грижата за животните и нивната благосостојба и да се уверат во отчетноста на нашата установа преку евиденцијата и документацијата која ја водиме и поседуваме“,
додаваат од скопската Зоолошка градина.
Минатиот вторник во скопската Зоолошка градина пцовисале берберски овци кои немале видливи знаци на повреди и претходно не покажувале знаци на болест, а од ЗОО Скопје за ова информираа по една недела.
Од Зоолошката градина посочија дека се сомневаат оти станува збор за труење од гранки од растението тиса (Taxus Baccata) кое може да биде отровно за животните.
Во последните две години во Зоолошката пцовисаа два пингвина, три пржевалски коњи, слоницата Дуња, жирафата Каспер и сибирската тигрица Надја.