На прелиминарните избори кај демократите за градоначалник на Њујорк, ниту еден кандидат не го достигнал прагот од 50 проценти потребен за да биде прогласен за апсолутен победник

Поранешниот гувернер на американската држава Њујорк, Ендру Куомо, го призна поразот на прелиминарните избори меѓу демократите за градоначалник на Њујоркб од пратеникот во државниот парламент Зохран Мамдани, кој доколку биде избран ќе биде првиот муслимански градоначалник и првиот градоначалник со индиско потекло што ќе го предводи најголемиот американски град, објави денеска Еј-би-си њуз (ABC News).
Во кратко обраќање до поддржувачите, 67-годишниот Куомо, кој поднесе оставка во 2021 година по обвинувањата за сексуално вознемирување, рече дека му се јавил на Мамдани за да му честита.
„Вечерва е негова вечер. Тој организираше одлична кампања и ги допре младите луѓе, ги инспирираше, ги трогна и ги натера да излезат и да гласаат. Искрено му аплаудирам за неговиот напор“,
рекол Куомо.
Куомо во изјава за „Њујорк тајмс“ вели дека сè уште може да се кандидира на ноемвриските градоначалнички избори како независен кандидат.
На прелиминарните избори кај демократите за градоначалник на Њујорк, ниту еден кандидат не го достигнал прагот од 50 проценти потребен за да биде прогласен за апсолутен победник.
Од пребројани 93 отсто од гласовите во првиот круг од прелиминарните избори, Мамдани има 43,5 отсто од гласовите, а Куомо има 36,4 отсто, пишува Ројтерс.
Зборувајќи пред поддржувачите кратко по полноќ, Мамдани рече дека со неговата победа е „запишана историја“.
„Денес… со визијата за градот што секој жител на Њујорк може да си ја дозволи, ние победивме. Вечерва испишавме историја. Јас ќе бидам вашиот демократски кандидат за градоначалник на Њујорк“,
рече Мамдани.
Според пишувањата на Ројтерс, тој ветил дека ќе ги отфрли политиките на претседателот Доналд Трамп и „ќе го управува градот како модел за Демократската партија“.