„Градот што го роди Трамп, сега ни покажува како да го победиме. Доналд Трамп, знам дека гледате, имам неколку зборови за вас. Зголемете ја јачината на звукот“, рече тој во неговиот победнички говор, добивајќи силен аплауз од присутните
Дeмократот Зохран Мамдани, кој се опиша себеси како „најлошиот кошмар на Трамп“, е избран за нов градоначалник на Њујорк.
Мамдани е првиот муслиман, првиот јужноазиец и најмладиот човек што во последните 100 години е избран за градоначалник на Њујорк.

Со преброени 97 отсто од гласовите, како што пренесоа медиумите, 34-годишниот кандидат обезбеди недостижна предност пред другите кандидати.
Според Изборниот одбор на Њујорк, на овогодинешните избори гласале повеќе од два милиони луѓе. Пред четири години, пак, излегле помалку од 1,15 милиони гласачи.
Додека гласовите се пребројуваа, Мамдани на социјалните мрежи објави видео од метро, од кое се слуша:
„Следна и последна станица е Градското собрание“.
— Zohran Kwame Mamdani (@ZohranKMamdani) November 5, 2025
Кој е Зохран Мамдани?
Мамдани е роден во Уганда во 1990 година. Пораснал во Њујорк, каде што се преселил со семејството кога имал седум години. Неговата мајка е познатата индиска режисерка Мира Наир, а неговиот татко е угандански активист и академик.
Мамдани често го посочува своето имигрантско потекло како основа на неговите политички ставови.
„Пораснав во систем каде што многу рано научив што значи да се биде сиромашен, невидлив и погрешно разбран“,
вели тој.
Неговата политичка платформа се заснова на борбата против сиромаштијата, расната и класната нееднаквост и климатската криза.
Тој е за бесплатен јавен превоз (укинување на автобуските такси), универзална грижа за децата, замрзнување на кириите во субвенционираните станови, попристапни цени во продавниците и прогресивно оданочување на најбогатите.
Неговиот став за надворешната политика, исто така, се разликува од мејнстрим Демократската партија. Отворено ги поддржува Палестинците и ја критикува израелската политика, поради што често е во конфликт со произраелското лоби во рамки на партијата.
Во победничкиот говор од Бруклин упати и порака до американскиот претседател Доналд Трамп.
„Градот што го роди Трамп, сега ни покажува како да го победиме. Доналд Трамп, знам дека гледате. Имам неколку зборови за вас. Зголемете ја јачината на звукот“,
рече Мамдани, добивајќи силен аплауз од присутните.
Говорот го заврши со пораката:
„За да стигне до кој било од нас, мора да помине низ сите нас“.
