Од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) укажуваат на потребата да се сфати дека медиумските екипи на настан се на задача со цел да известуваат во име на јавноста и дека организаторите на настанот треба да обезбедат соодветни услови за нивна работа, откако на денешниот настан на скопскиот аеродром на група медиумски работници им било ограничено движењето и останале на стотици метри оддалечени од авионот, додека, пак, на владините-прес служби и медиуми од Бугарија им бил овозможен директен и непосреден пристап до авионот кој денеска слета од Софија
Од Министерството за транспорт и врски, пак, во писмено соопштение се извинија за, како што велат оттаму, ненамерниот пропуст со кој беше ограничено движењето на присутните медиуми за нормално одвивање на медиумската работа
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) реагираат оти група новинари, фоторепортери и сниматели биле неприфатливо третирани и попречени да известуваат, од страна на службите за обезбедување, на денешниот настан на скопскиот аеродром, иако уредно биле поканети и акредитирани.
„Додека се одвиваше промоцијата на авионската линија Скопје – Софија, претставници на домашните медиуми беа дистанцирани на стотици метри од настанот без можност да земат изјава ниту, пак, да документираат кадри од случувањата. Во исто време сниматели кои се вработени во владините институции, како и новинари од Бугарија, имале пристап до самиот авион по слетувањето, како и до претставници од делегацијата“,
наведуваат ЗНМ и ССНМ во реакцијата.
Оттаму укажуваат на потребата да се сфати дека медиумските екипи на настан се на задача со цел да известуваат во име на јавноста и дека организаторите на настанот треба да обезбедат соодветни услови за нивна работа.
„Од друга страна, владините сниматели и службеници за медиуми не смеат да имаат привилегиран статус, бидејќи на тој начин стануваат конкуренција на медиумите, а тоа може да го наруши и правото на информирање на граѓаните“,
реагираат здружението и синдикатот на новинарите.
Додаваат и дека домашните медиуми за овој настан имале добиено уредна покана од Министерство за транспорт и врски и потсетуваат дека ова не е прв ваков случај на Скопскиот аеродром, наведувајќи го настанот пред извесно време поврзан со пристигнувањето на бегалци од Авганистан, кога „владини службеници снимаа видеа и ги емитуваа на социјалните мрежи додека новинарите беа дистанцирани и попречени да ја вршат својата работа“.
По реакцијата на неколку медиуми, а во врска со настанот на Меѓународниот аеродром во Скопје, Министерството за транспорт и врски преку писмено соопштение се извини, за како што велат оттаму, ненамерниот пропуст со кој беше ограничено движењето на присутните медиуми за нормално одвивање на медиумската работа.
„Како и досега, во иднина Министерството за транспорт и врски ќе обезбеди еднаков пристап на сите медиумски работници за извршување на нивните работни задачи. Министерство за транспорт и врски, како организатор на настанот во соработка со ‘ТАВ Македонија’, обезбеди пристап на платформата според меѓународни безбедносни протоколи со ограничено движење. Ја разбираме реакцијата на медиумските работници и уште еднаш упатуваме извинување за ненамерниот пропуст“,
се наведува во писменото соопштение на Министерството за транспорт и врски.