Во изминатите пет години се регистрирани 50-ина напади врз медиумските работници (новинари, сниматели, фоторепортери), но ни 10 отсто не завршиле со санкционирање на сторителите, соопштија денеска од Здружението на новинарите (ЗНМ).
Како најдрастичен пример ги посочија насилствата и упадот во Собранието на 27 април 2017 година – случај за кој нема ниту едно гонето лице за напад врз новинарите што таа вечер беа таму на работна задача, а кој ќе застари за 4 месеци.

„Во последните пет години имаше физички напади, вербални напади, кршење опрема, уништување личен имот на новинарите и на медиумите, сајбер-напади. Не секогаш насилници ги напаѓаа новинарите. Имавме случаи во кои припадници на полицијата и специјалните единици се јавуваа како напаѓачи. Главен проблем беше и остана до денес високиот степен на неказнивост на насилствата врз новинарите“, рече претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.
Рече дека годинава трендот е попозитивен, но во пресрет на изборите и тензичната атмосфера што ги следи, повика политичарите да ги водат битките преку дебата, а не со улични напади врз новинарите и критичката јавност.
Од ЗНМ посочуваат дека новинарите се препуштени сами да ја бараат правдата и со приватни тужби против напаѓачите, со што слободата на говор се заменува со автоцензура, а новинарската професија станува помалку атрактивна.
Целта на Здружението на новинарите на Македонија е да се измени Кривичниот законик во кој ќе биде регулирана заштитата на новинарите.
ЗНМ денеска промовираше две публикации – „Нападите врз новинарите и медиумските работници на 27 април 2017 година“ од новинарите Душица Мрѓа, Енис Муртези и Христина Беловска и „Хроника за (не)безбедност на новинарите“ на новинарот Зоран Иванов и адвокатот Игор Марковски.