Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Независниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) сметаат Владата треба да се воздржи од избрзани и недоволно обмислени решенија во медиумската сфера, особено во период на предизборие.
„Економската криза предизвикана од коронавирусот влијае на кревката финансиска моќ на медиумите генерално и затоа Владата треба да ги исцрпи сите останатите можности за поддршка на медиумите, пред да се размислува за каква било директна финансиска помош“,
се вели во соопштението на трите новинарски асоцијации.
Оттаму предлагаат, Владата дополнително да ги ослободи телевизиите и радијата од многубројни давачки кон државата пред се кон АВМУ и кон Агенцијата за електронски комуникации а со цел да го помогне нивното работење во услови на криза.
„Освен ова, дополнително треба да се направи анализа за нови линеарни даночни олеснување на традиционалните, но и онлајн медиумите зошто на тој начин Владата ќе демонстрира дека се грижи медиумите да имаат поволни услови за функционирање во кризно време, а истовремено нема да покаже дека има селективност во поддршката“,
се нагласува во соопштението.
Новинарските асоцијации, исто така, сметаат дека Владата треба и посвети внимание и на кризата на програмската содржина на медиумите која постои и пред коронавирусот.
„Владата треба да се размислува за креирање на привремена поддршка за иновативни и креативни медиумски проекти, односно продукти од јавен интерес, за сите медиуми, со што би се подобрил квалитетот на програмата, како и економската состојба на новинарите“,
сметаат од ЗНМ, ССНМ и СЕМ.
Трите асоцијации на новинарите укажуваат дека за дефинирање на критериумите и за инклузивност во процесот за обмислување на моделот кој треба да ги запази стандардите од ЕУ членките, нужно е овој процес да мине низ широка дебата, со вклученост на релевантните чинители кое преку консензус на новиот парламентарен состав ќе биде преточено во законско решение за оваа исклучително важна тема.
„Битен аспект за ваков тип на финансиска поддршка е тоа што сите медиуми што се заинтересирани ќе можат да аплицираат. Притоа напоменуваме дека овие финансии не смеат да го нарушат медиумскиот пазар или да создадат услови за нови непазарни влијанија. Затоа нивниот обем треба да биде умерен. Освен тоа, треба да постојат гаранции дека истите средства би се користеле за подобрување на социјално-економската положба на новинарите и медиумските работници и за создавање на квалитетни медиумски содржини кои се од интерес на јавноста“,
пишува во заедничкото соопштение.
ЗНМ, ССНМ и СЕММ и останатите партнерски новинарски и медиумски организации во реакцијата потенцираат дека во наредниот период ќе побараат помош од Меѓународната федерација на новинари, Европската федерација на новинари, Делегацијата на ЕУ во Скопје, Амбасадата на САД како и Мисијата на ОБСЕ во Скопје за споделување на позитивните компаративни искуства. Тие, според нив, ќе придонесат во насока на поширока јавна дебата за изнаоѓање на најдобрите решенија.
