Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира дека дел од предлог мерките во акцискиот план на Владата за борба со дезинформации одат на штета на медиумскиот сектор и слободата на изразување. За да се отфрлат сомнежите за злоупотреба на обврската на Владата да ја гарантира слободата на изразување, ЗНМ апелира процесот на консултации за овие теми да биде максимално инклузивен и транспарентен од самиот почеток. Со планот меѓу другото се предвидува формирање на акциска група составена од претставници од Владата, министерствата и Кабинетот на претседателот, кои ќе ги анализираат дезинформациите.
„Владата треба да знае дека дефинирање на професионални стандарди и оценка за тоа дали некој новинар или медиум е етичен, може да го прави исклучиво новинарскиот еснаф и јавноста а не владина институција или било каква работна група во рамки на Владата“,
се вели во сооопштението на ЗНМ.
Здружението го поздравува планот во делот на креирање одбранбен механизам внатре во институциите преку протоколи и обуки за државните службеници.
„Од друга страна, со загриженост ги проследивме дел од проактивните мерки и тоа особено оние кои имплицираат на платени кампањи во приватните медиуми, најавата за ко – регулација, воведување на критериуми за акредитирање на медиуми кои ќе имаат право да ги следат владините настани во согласност со стандардите на новинарската професија како и формирање на акциска група за борба на дезинформации со проблематичен состав и улога“,
реагира ЗНМ.
Премиерот Зоран Заев вчера го промовираше Акциски план за справување со дезинформациите. Според него целта е со овој план да се изрази јасна волја за справување со дезинформациите за заштита на јавниот, националниот и интересот на граѓаните. Планот не е конечен, туку ќе се доработува со широка стручна и граѓанска дебата и едукатвна кампања.
*поврзана вест: Владата системски ќе лови дезинформации