Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува пратеникот Димитар Стевананџија, кој на својот Твитер профил објави фотографија со коментар дека новинарите Борјан Јовановски и Боби Христов наводно се гости на отворање на контроверзен угостителски објект во Охрид. Јовановски и Христов реагирале дека станува збор за лажна фотографија од објект во Градскиот Трговски Центар во Скопје и истата објава служи да им се наруши нивниот имиџ како новинари.
„ЗНМ укажува дека преку етикетирање и ширење на дезинформации на новинари, особено од страна на избрани претставници на Собранието на Република Северна Македонија, може сериозно да им се наштети на професионалниот интегритет и углед на новинарите, а со тоа да се намали и довербата на јавноста во медиумите”,
се вели во реакцијата на Здружението.
ЗНМ го повикува пратеникот Стевананџија јавно да објави демант за објавената невистина и да им се извини на новинарите за евентуалните последици од објавата.
Ова не е прв случај кога Стевананџија злоупотребува фотографија за дезинформирање на јавноста. Изминатиот месец тој искористи една од фотографиите на владината прес-служба од приемот на ракометарите на Вардар, на која беше само признанието за европските шампиони, објавувајќи ја со коментар на Твитер дека ракометарите одбиле да ја земат плакетата. Неговиот „твит” и тогаш стана вест за дел од интернет порталите, за подоцна пратеникот да го демантирааат и од владината прес-служба и од ракоментниот клуб Вардар.