Случајот за кој веќе испративме официјален допис до МВР, се однесува на известување за разрешувањето на директорка на училиште во Демир Хисар, кога полициски службеници им пристапиле на новинарите додека тие известувале од настан од висок јавен интерес, барајќи нивно легитимирање, иако било очигледно дека се работи за медиумски работници со професионална опрема, велат од ЗНМ и ССНМ
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат сериозна загриженост поради начинoт на постапување на полициските службеници кон новинарите кои известуваа за случајот со разрешувањето на директорката на училиште во Демир Хисар.
Од ЗНМ и ССНМ велат дека веќе испратиле официјален допис до МВР, од каде бараат итна и сеопфатна проверка на околностите, утврдување на законската основа за ваквиот вид постапување и одговорност доколку се потврди дека полициските службеници ги пречекориле своите овластувања.
„…Полициски службеници им пристапиле на новинарите додека тие известувале од настан од висок јавен интерес, барајќи нивно легитимирање, иако било очигледно дека се работи за медиумски работници со професионална опрема. Настанот се случил на јавна површина – двор на училиште. Сметаме дека вакви ситуации може да се протолкуваат како обид за вршење притисок врз новинарите, што е недозволиво мешање во нивната работа и нарушување на медиумските слободи“,
велат од ЗНМ и ССНМ.
ЗНМ и ССНМ очекуваат МВР и Секторот за внатрешна контрола во најкус можен рок да информираат за утврдените околности и доколку се потврди прекршување на овластувањата, да се преземат соодветни мерки против одговорните службеници.

Претходно ТВ Телма објави дека на новинарските екипи кои известуваа за случувањата во училиштето, полицијата им побарала лични карти, а запишана била и регистрацијата на возилото.
Случајот во Демир Хисар го привлече вниманието на јавноста откако беше објавено видео од претрес во вечерни часови пред домот на разрешената директорка на СОУ „Крсте Петков Мисирков“, Маја Лозановска, каде полицискиот началник инсистира таа да биде однесена во полициска станица, иако во моментот била на боледување и не се чувствувала добро, а немало ниту наредба за приведување.
Внатрешната контрола, како што соопшти МВР, утврдила непрофесионалност во постапувањето при претресот и началникот ќе биде разрешен од функцијата.
Целата акција била спроведена поради сомневање за кривичното дело фалсификување и уништување деловни книги.