Социјалните мрежи не може да бидат веродостоен извор на информации од кои новинари без да проверат ќе преземат содржини и од нив ќе пишуваат вести или наслови. Медиумите имаат обврска да ги проверат информациите пред да ги објават. Објавувањето без проверка, само затоа што некој објавил нешто и некаде на социјална мрежа, а тоа станало вест во медиум, не ги ослободува медиумите од одговорност, велат од ЗНМ и СЕММ
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Советот на честа при ЗНМ и Советот за етика во медиумите (СЕММ), како дел од саморегулацијата во Македонија, најостро го осудуваат начинот на кој одредени медиуми известуваат за исчезнувањето на 14-годишно девојче од Скопје, со што на груб начин го кршат Етичкиот кодекс на новинарите, пласирајќи неточни и непроверени информации, најчесто преземени од социјалните мрежи.
ЗНМ и СЕММ ги потсетуваaат новинарите дека мора да ја почитуваат личната болка на семејството, а сите извештаи за несреќи или судски постапки да бидат ослободени од сензационализам.
„Во текот на денешниот ден регистрирани се серија текстови со лажна содржина, пренесени од коментари и реакции на социјални мрежи, од неверодостојни профили, за кои не може да се утврди кој стои зад нив. ЗНМ, преку Одлуки на Советот на честа, како и СЕММ, повеќе пати досега се произнесоа дека социјалните мрежи не може да бидат веродостоен извор на информации од кои новинари без да проверат ќе преземат содржини и од нив ќе пишуваат вести или наслови, бидејќи фејсбук-профилите или профили на другите мрежи се лична одговорност на носителите на профилите, а медиумите имаат обврска да ги проверат информациите пред да ги објават. Објавувањето без проверка, само затоа што некој објавил нешто и некаде на социјална мрежа, а тоа станало вест во медиум, не ги ослободува медиумите од одговорност“,
велат од ЗНМ и СЕММ.
ЗНМ и СЕММ бараат од новинарите и медиумските работници да се вклучат во известување за случаи каков што е исчезнувањето на 14-годишното девојче од Скопје, но строго да внимаваат на професионалните етички стандарди, да не шират страв и паника, да не објавуваат лажни вести и непроверени информации и на тој начин дополнително да ја подгреваат ситуацијата.
„Советот на честа на ЗНМ, постапувајќи по претставки, може да исклучи членови од членство во ЗНМ поради повреда на одредбите на Кодексот и затоа, уште еднаш ги повикуваме сите новинари, информациите да бидат крајно внимателно подготвени, со етички избалансирано известување и претходна сериозна проверка. Медиумите во оваа фаза треба посебно да внимаваат и со изнесување на лични или семејни детали, кои можат да му наштетат на интегритетот на детето“,
се додава во соопштението на ЗНМ и СЕММ.
Оттаму ги охрабруваат сите граѓани што ќе забележат прекршувања на Кодексот да ги пријават на соодветен формулар кој се наоѓа на страницата на ЗНМ или на страницата на СЕММ, и на тој начин да помогнат во детектирање на медиумите кои отстапуваат од новинарските стандарди.
Инаку, денеска дел од медиумите во земјава, повикувајќи се на наводни извори од истрагата, објавија вест дека е 14-годишната Вања од Скопје по која се трага веќе три дена, била најдена во соседна држава, што експресно беше демантирано од МВР.
„Веста која денеска ја објави порталот ‘Курир’, а во која се наведува дека исчезнатата Вања е наводно пронајдена во соседна држава, е целосно лажна. МВР, согласно законот, бара веднаш да биде објавен овој демант, а невистинитиот текст секаде каде што е објавен да биде повлечен. Во спротивно ќе ги искористи сите законски расположливи средства кои стојат на располагање“,
објави МВР додавајќи дека непознатиот автор на текстот воопшто не ги потврдил изнесените наводи со прес-службите во Министерството.
Како што соопштија од полицијата, истрагата за пронаоѓање на 14-годишната Вања продолжува интензивно, а на барање на МВР по девојчето е распишана и меѓународна потерница од страна на Интерпол.
По 14-годишната Вања се трага веќе трет ден откако во понеделникот нејзината мајка објави дека е исчезната.
Портретната фотографија и описот на девојчето од вчера се објавени на веб-страницата на МВР во регистарот на исчезнати лица, а фотографии од девојчето масовно се споделуваат и на социјалните мрежи со надеж дека ќе придонесат кон нејзино побрзо пронаоѓање.