Во петок доцна попладне, како што се наведува во соопштението на ЗНМ, дел од македонските медиуми добиле негативен одговор во врска со нивните барање за акредитација за овој настан, без никакво дополнително објаснување, иако апликациите биле поднесени во бараниот рок
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осуди селективниот пристап на Владата за акредитирање на одредени медиуми за следење на настанот на кој ќе се одбележува 151-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Во петок доцна попладне, како што се наведува во соопштението на ЗНМ, дел од македонските медиуми добиле негативен одговор во врска со нивните барање за акредитација за овој настан, без никакво дополнително објаснување, иако апликациите биле поднесени во бараниот рок.
„По денешните забрани за пристап до локацијата каде што ќе се одржи одбележувањето на овој значаен датум, ЗНМ денеска по вторпат реагира за ситуација во која што новинарите се спречени да ја вршат работата професионално, што пак носи ризик од недоволна информираност на јавноста“,
велат од Здружението на новинарите.
Оттаму потсетуваат дека новинарите и медиумските работници имаат право да бидат присутни на настан од јавен интерес бидејќи тоа е дел од нивната работа, исто како и сите други јавни функционери кои ќе бидат дел од манифестацијата.
„ЗНМ вечерва испрати и допис до Владата на РСМ во кој бара да се објасни и воедно да се промени одлуката за акредитирање на конкретните медиуми, со цел истите да можат утре да го проследат настанот“,
велат од оттаму.
За неиздавањето на акредитации на дел од новинарите и медиумите за следење и известување од чествувањето на 4 февруари – Денот на раѓањето на Гоце Делчев, реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата ја осудија, како што наведоа во нивното соопштение, цензурата врз медиумите, оценувајќи ја како срам за Владата, министрите и за сите што работат за „владиниот режим во делот со медиумите“.