Во рамки на кампањата „Заедно повеќе знаеме“ во следните 60 дена ќе ги посетат сите општини во државата, каде ќе одржат средби со членовите, симпатизерите и граѓаните, со цел директно да се запознаат со нивните проблеми
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија размислува да настапи со самостојни советнички листи на претстојните локални избори, а во делот за избор на градоначалници на општините размислува за соработка и взаемна поддршка со ВМРО-ДПМНЕ. Ова денеска го соопшти портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов, најавувајќи ги активностите на партиско ниво пред претстојните локални избори.

Посочи дека во рамки на кампањата „Заедно повеќе знаеме“ во следните 60 дена ќе ги посетат сите општини во државата, каде што ќе одржат средби со членовите, симпатизерите и граѓаните, со цел директно да се запознаат со нивните проблеми.
„Кандидатите на ЗНАМ ќе бидат самостојни кандидати на движењето ЗНАМ – За наша Македонија, поддржани од ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција“,
вели Мемов.
На новинарското прашање дали ЗНАМ ќе има соработка, поддршка и коалиција со други партии, тој одговори дека засега разговараат исклучиво со коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, но дека конечната одлука ќе ја донесат органите и телата на партијата.
Со цел да се изберат квалитетни кадри за кандидати за градоначалници и за советници, формирани се четири карвани, кои ќе ги предводат претседателот на партијата, Максим Димитриевски, генералниот секретар Горан Минчев и двајцата потпретседатели Весна Бендевска и Павле Арсоски.
„За локалните избори главен фокус ќе бидат решенијата за подобар локален живот, урбанистички планови, инфраструктурни проекти и транспарентно управување со општинските буџети“,
рече тој.
По средбите, партијата се очекува да направи анализа за избор на квалитетни кадри за градоначалници и кандидати за советници.
„Донесена е одлука за формирање на тим за преговори и евентуална соработка со други политички партии за претстојните локални избори. Тимот ќе го предводи генералниот секретар на партијата, Горан Минчев, а во него ќе учествуваат и потпретседателите Весна Бендевска и Павле Арсовски“,
вели Мемов.
Посочи и дека Централниот одбор донел одлука за одржување на втор изборен Конгрес, кој ќе се одржи во втората половина од јули, а на кој ќе бидат избрани претседател на партијата, како и централен и надзорен одбор со мандат од четири години.