Носителката на советничката листа за Куманово од ЗНАМ, Ивана Ѓорѓиевска, вели дека нивниот кандидат за советник Самет Салиевски бил сведок на меѓусебна вербална расправија на активисти на СДСМ и застанал меѓу нив за да ги раздвои, по што се повлекол
Движењето ЗНАМ негира дека нивниот кандидат за советник во Куманово, Самет Салиевски, денеска физички нападнал членови на изборниот штаб на кумановскиот кандидат за градоначалник од СДСМ, Мартин Костовски.

Носителката на советничката листа за Куманово од ЗНАМ, Ивана Ѓорѓиевска, ги отфрли како невистинити и политикантски обвинувањата на СДСМ и Костовски дека членови на нивниот изборен штаб биле нападнати од кандидатот за советник на ЗНАМ. Вистината, како што рече, е сосема поинаква.
„Нашиот кандидат за советник Салиевски бил сведок на меѓусебна вербална расправија на активисти на СДСМ во близина на неговиот дом каде што живее. Поточно, слушнал силно викање, излегол и бил сведок на почната тепачка меѓу нив. Тој само застанал меѓу нив за да ги раздвои, по што се повлекол. Немало никаков физички контакт што може да се карактеризира како атак од него. Во меѓувреме веќе станал цел на вербални провокации и довикувања на кои реагирал смирено и воздржано“,
изјави Ѓорѓиевска на денешната прес-конференција.
Обвини дека СДСМ се служи со лаги и манипулации во обид да добие поени пред кумановци поради, како што рече, агонијата од последните анкети според кои нивниот кандидат ќе биде убедливо поразен од актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.
Претходно денеска кандидатот за градоначалник на СДСМ за Куманово, Мартин Костовски, обвини дека членови на неговиот изборен штаб биле нападнати од кандидатот за советник на ЗНАМ, Самет Салиевски.
Во меѓувреме за случајот се огласи и МВР. Оттаму наведоа дека двајца кумановци пријавиле дека додека делеле изборен материјал во кумановската населба Средорек биле нападнати од две лица од друга политичка партија.
„Денеска во 11:40 часот во СВР Куманово А.К. (32) и И.С. (33), двајцата од Куманово, пријавиле дека во населбата Средорек во Куманово, додека делеле изборен материјал за една партија, С.С. и Р.Ш. од друга политичка партија агресивно се однесувале кон нив и им упатувале закани, по што Р.Ш. физички ги нападнал“,
велат од МВР и додаваат дека по расчистување на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.