На прес-конференцијата одржана утринава во седиштето на ЗНАМ, портпаролот на партијата упати и низа остри критики за кандидатот за градоначалник на СДСМ во Куманово, Мартин Костовски
Движењето ЗНАМ е многу блиску до постигнување договор за заемна соработка и поддршка со ВМРО-ДПМНЕ во општините Куманово и Центар, изјави денеска на прес-конференција портпаролот на партијата, Никола Мемов. Целта, како што кажа тој, е граѓаните да добијат чесна и одговорна власт и на локално ниво.
„Разговараме, се прават проценки и во завршна фаза сме на преговорите за заемна поддршка во Куманово и Центар. Паралелно, анализираме можности за слична соработка и во други, помали општини низ целата држава,“
рече Мемов.

На истата прес-конференција, Мемов упати серија остри критики кон кандидатот на СДСМ за градоначалник во Општина Куманово, Мартин Костовски, кого го обвини за лажен патриотизам и политички непотизам. Дополнително, вели, токму Костовски од позиција на директор на „Службен весник“ го објавил Законот за употреба на јазиците без потпис од Претседателот, што е директно кршење на Уставот и е тешко кривично дело, а воедно истото го сторил и со Преспанскиот договор.
„Овој човек ја започна својата кариера во кабинетот на својот побратим Зоран Давидовски – Циц, градоначалник на Куманово. Преку ноќ стана пратеник, потоа директор на Јавното претпријатие Службен весник. Наместо да го почитува Уставот, стана алатка за негово уривање“,
рече Мемов.
Тој додаде дека Костовски нема ниту визија, ниту политички успех, но имал армија од роднини и блиски вработени на државни функции.
Дозволете да ви ја претставам фамилијарната шема на Костовски: мајка – вработена во Јавното претпријатие „Пазари“; тетка – вработена во Министерството за одбрана, каде во кратко време ја дочека пензијата; сопруга – вработена во Општина Куманово, а потоа префрлена во Министерството за надворешни работи. Кумашини, кумови, пријатели – низ државни институции и јавни претпријатија“,
кажа тој.