Партијата која е дел од владејачката коалиција ја поздрави иницијативата на премиерот Христијан Мицкоски за лидерска средба, а опозицискиот СДСМ го обвини дека нема ниту капацитет ниту волја за конструктивен политички дијалог
Бегањето од лидерска средба е признание за политичка слабост и страв од граѓаните – реагираат од Движењето За наша Македонија (ЗНАМ), откако претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја одби поканата на премиерот Христијан Мицкоски за лидерска средба со парламентарните политичките партии.

Партијата која е дел од владејачката коалиција ја поздрави иницијативата на Мицкоски за лидерска средба, а опозицискиот СДСМ го обвини дека нема ниту капацитет ниту волја за конструктивен политички дијалог.
„Иницијативата за лидерска средба е можност сите релевантни политички чинители да покажат одговорност кон државата и граѓаните. Наместо одговорност за сопственото минато, СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада како последен штит од соочување со граѓаните. Одбивањето на дијалог е признание за слабост. На Македонија ѝ е потребна политичка храброст и зрелост, а не бегање од одговорност и блокади. Потребен е отворен и искрен дијалог, а не уцени и калкулации, како и јасна определба за иднината, наместо одржување на стравови и манипулации“,
велат од Движењето ЗНАМ.
Претходно денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче, рече дека не прифаќа средба со криминалци откако премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе ги покани парламентарните партии за лидерска средба на која на би се дискутирало за реформските закони, како и за укинувањето на техничката влада што се избира 100 дена пред парламентарни избори.
